Хан: Следните две години ќе бидат добри за проширување

Следните две години ќе бидат добри за проширување, изјави еврокомесарот Јоханес Хан. Бугарија ќе биде претседавач со Унијата во 2018 година, потоа следи Австрија, а по неа Романија, а  сите три земји се залагаат Западен Балкан да влезе во ЕУ, пишуваат австриските медиуми.   

- Европската комисија следните години гледа нови можности за приближување на Западен Балкан кон ЕУ, наведува весникот „Виенер Цајтунг“, додавајќи дека ентузијазмот можеби има нешто вознемирувачко во себе.

- Слаба е користа од самото воодушевување ако зборовите не се претворат во дела. Со ваква состојба на Западен Балкан е соочен комесарот за проширување Јоханес Хан, кој за време на неодамнешната посета на Албанија, рече дека земјите од регионот треба да работат на понатамошни реформи и дека не треба да се одмораат на ловорики, наведува  „Виенер Цајтунг“.

Според весникот, изгледите на Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, земји, од кои некои имаат статус на кандидат за членство во ЕУ - се подобри од пред година и половина.
 
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, во својот говор пред Европскиот парламент ја нагласи европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тој ја спомна 2025 како година кога ЕУ може да се прошири со најнапреднатите земји од Западен Балкан.

Според Хан, балканските земји не можат само да чекаат, туку со своите реформски напори мора да придонесат. Тој во разговор со новинарите во Тирана изјави дека „сѐ уште не е одлучено кои држави ќе бидат први примени во ЕУ, иако некои веќе почнаа пристапни преговори".

Државите од Западен Балкан се во различни фази. Србија и Црна Гора веќе води преговори за пристапување, Македонија и Албанија имаат кандидатски статус, а БиХ и Косово се далеку од тоа.

-Потребно е да поминат неколку години за да се надмине скептицизмот за проширување кој доминира во  ЕУ, пред сѐ кај земјите од Западна Европа. Од друга страна, земјите кандидати се подготвени за членство во ЕУ, но нејзините членки не се, пишува „Виенер цајтунг".  

МИА/Фото: Ројтерс

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести