„Економист“: Имињата на аеродромите на Балканот за нервирање на соседите

1850 Views Ноември 12, 2017 Балкан Редакција Емагазин

Британскиот неделник „Економист" во текстот под наслов: „Терминали со став: Преименувањето на балканските аеродроми со цел да се нервираат соседите" се занимава со феноменот на новите имиња на аеродромите во регионот.

Неделникот пишува дека „низ целиот Балкан се градат нови аеродромски терминали и се именуваат на таков начин за да ги вознемират соседите".

 „Економист", тврди дека „играта околу именувањето на аеродромите ја почнале Грците, со тоа што аеродромот во Солун во 1992 година беше преименуван во „Македонија ''.

 -Грција и Македонија се во спор од прогласувањето на македонската независност во 1991 година. Грција вели дека името Македонија имплицира територијални аспирации кон делот на историска Македонија, која се наоѓа во Грција. Македонците возвратија во 2007 година, со промена на името на аеродромот во Скопје во „Александар Велики ", по освојувачот од античкиот период на Грција, кој го присвојуваат двете земји. Сепак, новата влада во Македонија сака подобри односи со Грција, па така е можно да има нова промена на името, се вели во текстот.

„Економист“ наведува дека има уште примери.

- Нов футуристички објект беше отворен во март во Загреб, главен град на Хрватска. Тоа беше преименувана по Фрањо Туѓман, татко на хрватското движење за независност. Тој водеше жестока војна против хрватските Срби, што ги  поддржуваше Србија и кои ја создадоа отцепената српска република на третина од територијата на Хрватска која беше со краток век. Мнозинството Срби беа протерани од Хрватска во 1995 година, пишува во статијата.

 „Економист", наведува дека „меѓу жртвите на ова етничко чистење беа и роднини на познатиот српски изумител Никола Тесла".

- Тесла бил Србин, роден во 1856 година на територија на Хрватска, но емигрирал во Америка, и Србите и Хрватите го сметаат за свој. Од 2006 година белградскиот аеродром е именуван по него, нешто што им пречи на одредени Хрвати, се вели во текстот.

„Економист“ го спомнува и примерот во Косово.

- По 18 години од завршувањето на војната на Косово, и натаму не можете да летате од „Никола Тесла" на „Адем Јашари“, во чија чест приштинскиот аеродром го носи името од 2010 година. Јашари беше еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, кој беше убиен заедно со голем број членови на семејството по српската опсада на неговото упориште во 1998 година. Денес, тој е херој за косовските Албанци, а за Србите е ѓавол, пишува весникот.

Неделникот наведува дека „некои имиња не се променети".

-Во Босна, сараевскиот аеродром и натаму е „Сараево", како  и порано. Обидот во 2005 година да се преименува во „Алија Изетбеговиќ“, по воениот лидер на босанските муслимани, вето стави меѓународниот проконзул Педи Ешдаун. Во Подгорица, аеродромот е и натаму „Подгорица", освен на ознаката за багаж. Таму се уште стои ТГД, потсетување на времето кога црногорскиот главен град го носеше името Титоград по Јосип Броз Тито, југословенски лидер, кој почина во 1980 година, заклучува „Економист".  

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови