Кој е Филип Петровски: Од студент бунтовник до кандидат за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Филип Петровски и официјално соопшти дека ќе биде еден од кандидатите кои ќе се борат за лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, откако лидерот, Никола Груевски соопшти дека поднесува оставка.

Кој е Филип Петровски? 

Петровски е роден на 28 мај 1972 година во Куманово и е најстарото дете на Тихомир Петровски и Маринела Петровска (м. Кузмановска).

Основно и средно образование стекнал во во Куманово. По завршувањето на средното образование заминал во војската на Југославија, а служејќи го воениот рок, поминал два месеци во Словенија и еден месец во Хрватска во 1991 година, каде бил сведок на распадот на Југославија.

Своето образование го продолжил на Филозофскиот факултет во Скопје.

По дипломирањето, по покана на Владата на САД, во 1998 година беше единствен претставник од Македонија и Балканот на проектот за млади европски лидери, а една година подоцна беше учесник и на школата за меѓународно лидерство и економски развој, организирана од школата „Џон Фицџералд Кенеди“ при универзитетот Харвард, која исто така била организирана од Владата на САД.

Во 2006 година ги завршил магистерските студии по меѓународно право и политика.

Во 2010 година, Петровски стана доктор на политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, а во 2012 година беше избран за доцент на универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје.

Подоцна, беше избран за виш соработник на Институтот за национална историја при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но набргу неговиот избор беше поништен поради процедурални пропусти.

Петровски е оженет и татко на едно дете.

Политичка кариера

Во 1997 година, како апсолвент на Филозофскиот факултет во Скопје, тој беше еден од водачите на студентските протести против наставата на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје.

Истовремено, до 2000 година беше претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. 

Од 1997 до 2001 година беше член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај овие функции, во периодот од 1998 до 2001 година беше и пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во 2001 година, со одлука на Владата на Република Македонија беше назначен за конзул во Њујорк, при што под негова одговорност беа Северна, Средна и Јужна Америка.

По промената на власта во 2002 година, Петровски беше сменет од конзулската позиција во САД, поради наводно недолично однесување, предизвикување јавни инциденти и незадоволителни резултати во работата.

Подоцна, тој ги демантираше таквите тврдења.

Во 2003 година, на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Петровски беше дел од штабот на Марјан Ѓорчев, кој беше кандидат за претседател на партијата.

Потоа, тој му се придружи на Никола Груевски и станал дел од партиската комисија за надворешна политика.

Во 2009 година, Петровски стана член на партијата Обединети за Македонија, каде ја извршуваше функцијата потпретседател на партијата.

Во 2010 поднесе оставка поради несогласувања со партискиот претседател Љубе Бошковски.

На изборите во 2011 година настапи со својата нова партија Демократска десница, но по изборниот неуспех ја припои партијата кон ВМРО-ДПМНЕ.

Јавни функции

Петровски извршуваше и повеќе јавни функции, а се занимава и со приватен бизнис.

Во 2005 година, е избран за директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на чие раководно место беше до 2011 година.

Во 2012 година беше избран за заменик-директор на Државната лотарија на Република Македонија, каде остана до 2015 година, кога беше избран за директор на Државниот архив на Република Македонија.

Во јуни 2017 година, Петровски беше сменет од функцијата директор на Државниот архив на Република Македонија.

Поради своите ставови и политички гледишта, Петровски бил следен од македонската тајна полиција и за него било отворено политичко досие со шифрата „Марта“, при што тој бил опишан како опасен за уставниот поредок на Република Македонија.

Користени материјали од Википедија/Фото: Фејсбук/Филип Петровски

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Кој е Христијан Мицкоски, најсериозниот кандидат за наследник на Груевски

БГНЕС: „Античкиот“ Димовски најверојатен кандидат за наследник на Груевски

Сите кандидати за наследник на Никола Груевски

Политичката кариера и приватниот живот на Никола Груевски во 30. точки

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.