АРМ: Косовецот приведен пред касарната Илинден најверојатно не знаел дека тоа е воен објект

„За конкретниот случај за спречување на влез на лице од Косово кое се случило во текот на вчерашниот ден околу 10.00 часот, Ве информираме дека истото е приметено пред влезот на касарната.

Лицето најверојатно не знаело дека тоа претставува воен објект што ќе го утврдуваат во постапката надлежните органи.

Припадниците на АРМ кои се задолжени за обезбедување на касарната следејќи ги стандардните оперативни процедури за обезбедување веднаш реагирале по што истиот е спречен да влезе и согласно процедурите и надлежностите се повикани органите на МВР од ПС Карпош на кои лицето им е предадено„, вели за еМагазин, Тони Јаневски, потполковник началник на Канцеларијата за односи со јавноста во АРМ.

Во информацијата која ја објави МВР, во својот редовен Билтен, стои и дека лицето правело скици.

Од АРМ велат дека тоа не се случило од причина што бил веднаш во самиот обид спречен.

Според експерти од кривично право ваквиот заклучок е веројатно поради тоа што овој вид на прекршоци е содржан во членот 350 од Кривичниот Закон на Република Македонија, каде: „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени дејствија“ се квалифицирани во истиот член и се поднесуваат поднесоци за прекршок без оглед дали се работи само за неовластено влегување или правење скици.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови