Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Василево

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Василево и против поранешниот в.д директор на ЈПКД „Турија“ за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според Хризантема Рендевска, од СВР Струмица, првопријавениот како градоначалник ја искористил службената положба за наводни потреби на општината и на 29 септември 2017 година побарал од второпријавениот да ангажира работна машина во сопственост на комуналното претпријатие за да насипе улица во село Едрениково, каде според урбанистичкиот план, постои водотек - река и пасиште на Република Македонија.

- На 29-ти септември 2017 година второпријавениот како в.д директор на ЈПКД „Турија“ п.о. Василево, без претходно да потпише налог за користење на службено возило и без да изготви Работен налог, му дал задача на вработен во ЈПКД „Турија“, како багерист, на 30 септември 2017 година (неработен ден) со работната машина да изврши распостелување и насипување на шљунак - песок кој претходно бил оставен по патеката која води кон улицата во с.Едрениково, рече на денешната прес-конференција, Рендевска.

Додаде дека по завршување на активностите второпријавениот не изготвил фактура за наплата на извршената работа што, како што рече Рендевска, е противправно и спротивно на правилата за користење на средствата на јавни претпријатија. На тој начин му овозможил на првопријавениот за приватни потреби на трето лица да ја искористи предметната работна машина без да се покријат трошоците, рече Рендевска. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови