Откупувачите подготвени за новата реколта: Тутунот годинава со помал род, но поквалитетен

161 Views Ноември 14, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Се е подготвено за откупот на тутунот од годинашнава реколта. Заверени се и подигнати мострите, а деветте откупувачи во земјава имаат банкарски гаранции дека ќе го платат откупениот род и може уште утре да почнат со откуп, вели Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
 
Сојузот денеска во Скопје го одржа последниот состанок со тутунските здруженија пред почетокот на откупната кампања.
 
- Се е подготвено и нема никакви забелешки за почетокот на откупот на тутунот во земјава. Деветте откупувачи на тутун веќе имаат обезбедено банкарска гаранција дека ќе го платат откупениот род. Заверени се и подигнати мострите и уште утре откупувачите може да го преземаат родот. Подготвени се над 160 откупни пунктови во земјава каде ќе се презема тутунот и ние, како Сојуз имаме одредено повереници. Утре е најавено откупот да го почне фирмата „Пашовски“, а веќе на 16 ноември со откуп ќе почнат големите откупни претпријатија: Прилепскиот тутунски комбинат, Сокотаб од Битола, Алијанса од Кавадарци и грчката фирма „Секе“, изјави за МИА Неделковски.
 
Годинава родот е помал, но е далеку поквалитетен и Неделковски очекува да се постигне повисока цена.
 
- Поради сушата и проблемите при расадувањето на тутунот пролетта, родот годинава е помал, но е многу квалитетен. Очекуваме род од 22 000 тони, а откупувачите во земјава имаат планирано да откупат 26 000 тони. Тоа значи дека ќе има побарувачка за тутунот и тутунарите треба да постигнат повисоки цени, вели Неделковски.
 
Од Приелпскиот тутунски комбинат потврдуваат дека се подготвени за почетокот на откупот на тутунот и пунктовите ќе ги отворат на 16 ноември.

МИА/Фото: Нова Македонија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови