Коалицијата „О2“ ќе ја тужи државата ако не издвои повеќе средства за заштита на животната средина

766 Views Декември 11, 2017 Чиста околина Никола Осило

Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција за чист воздух“ бара Владата да го зголеми буџетот за заштита на животна средина за 2018 година од 0,4 проценти од БДП, колку е планиран, на најмалку 2,5 проценти.

Во спротивно, оттаму најавуваат покренување постапки против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, Устав, човекови и права на децата, со поднесување тужби и жалби до надлежни меѓународни институции, но и радикални протести.

Висината на средствата предвидени за заштита на животната средина, намалување на загадувањето и запирање на рудниците, според оваа граѓанска иницијатива, не ја отсликува сериозноста на ситуацијата и покажува недоволна посветеност кон решавањето на овој, како што велат, сериозен проблем еднаков на „екогеноцид“.

Татијана Чакулев од Граѓанската иницијатива на денешната прес-конференција посочи дека Република Македонија во континуитет ги прекршува и не ги почитува правата поврзани со животната средина.

„Сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа Македонија во поглед на загаденоста и деградацијата на животната средина, количината на проблеми, насобрани поради нивното децениско игнорирање бара максимална посветеност и вклученост за ерадикација на изворот на проблемот и санирање на последиците“, рече Татијана Чакулев од Коалицијата за чист воздух.

Оттаму најавија дека доколку премиерот Зоран Заев не ги испочитува нивните барања ќе ги преземат сите правни чекори кои им се на располагање за покренување на постапки против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, Уставот, човековите и правата на детето и ќе достават тужба во Европскиот суд за човекови права, но и радикални протести низ целата држава.

Претставниците од Коалицијата попладне ќе се сретнат со Зоран Заев, кому ќе му ги достават барањата. По средбата, како што потенцираа, ќе се знае дали има подготвеност за справување со овој проблем кој ги загрозува не само сегашните, туку и идните генерации.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!