Македонскиот филм „Исцелител“ го освои и Холивуд

Уште една фантастична рецензија за македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески пристигнува директно од домот на светската филмска индустрија, Холивуд, и од едно од најзначајните филмски списанија
во светот, „Холивуд Репортер“ Холивуд Репортер“ е дигитално и печатено филмско списание основано во 1930-та година, чиј главен фокус е холивудската филмска и ТВ индустрија.

Известувајќи од меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој се одржа од 17-ти
ноември до 3-ти декември 2017 година, Стивен Далтон од „Холивуд Репортер“ вели дека Ставрески со неколку свои тајни состојки успешно го надминува локалниот контекст и го придвижува филмот кон „универзално-препознатливиот терен“ на нерешени семејни проблеми, опасното суеверие и исцелителната
моќ на љубовта“.

„„Исцелител“ е неочекуван трагикомичен „дијамант“ кој освен фестивалските кругови може да ги шармира и
независните дистрибутери“, вели Далтон.

Понатаму во рецензијата, Далтон го издвојува и протагонистот Благој Веселинов како „згоден и пријатен на
еден неуреден и потиштен начин“ и заклучува дека постои можност и за англиски римејк на филмот,
предложувајќи ги Вуди Харелсон или Метју Меконахи како одличен избор за главната улога.

Покрај ѕвездената рецензија во „Холивуд Репортер“, Ставрески доби и посебно признание за сценариото на
17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел, на кој „Исцелител“ ја имаше својата
премиера на 5-ти декември и второ прикажување на 6-ти декември, во склоп на официјалната натпреварувачка програма на фестивалот.

Медитеранскиот филмски фестивал се одржува секоја година во декември и покрај натпреварувачката програма има и премиерно прикажани филмови, најдобри филмови и документарци, дискусии, средби со режисери, како и концерти, диџеи и медитерански пазар.

На меѓународниот филмски фестивал од „А категорија“ „Црни ноќи“ во Талин, „Исцелител“ ги распродаде
сите три прикажувања и ги импресионираше светските критичари, добивајќи исклучителни рецензии во
некои од највлијателните филмски списанија, како „Варајети“, „Скрин дејли“ и други значајни списанија и
блогови. Филмот исто така беше прикажан и на уште еден меѓународен филмски фестивал од „А категорија“
во Индија – Гоа (ИФФИ).

Претходно, „Исцелител“ оствари фантастичен успех на својата премиера на Солунскиот филмски фестивал,
каде ја освои наградата од публиката и стана дел од историјата како прв македонски филм кој освоил награда на овој фестивал.

„Исцелител“ моментално се прикажува во кината Милениум и Синеплекс, а од 22 до 24 декември ќе се
прикажува и во 3Д Кино Битола. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.