(ВИДЕО) Војската го симна од власт, Роберт Мугабе, кој 37 години владее со Зимбабве

761 Views Ноември 15, 2017 Свет Редакција Емагазин

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе и неговото семејство се наоѓаат во домашен притвор, соопшти зимбабвиската телевизија Њуз 24.

Според локалниот медиум, 93-годишниот шеф на државата се подготвувал да поднесе оставка.

Владејачката партија на Зимбабве, Зану-ПФ објави на Твитер дека Емерсон Мнангагва е назначен за привремен претседател на државата наместо 93-годишниот Роберт Мугабе.

Мнангагва (75) беше потпретседател на Зимбабве се додека владата не го разреши поради „нелојалност“. Таа смена беше примена како подготовка за сопругата на Мугабе да ја преземе власта од него бидејќи таа претходно сама побарала од сопругот смена на Мнангагва.

Партијата негира дека во државата е извршен воен удар туку дека случувањата во Хараре биле „пренесување на власта без пролевање крв“. 

Војската синоќа ја презеде власта во Зимбабве, нагласувајќи дека не е извршен државен удар, туку само интервенција против „криминалците околу претседателот Роберт Мугабе кои им причинуваат социјално и економско страдање на луѓето“. Тие истакнаа дека претседателот и неговите најблиски се на безбедно и се живи и здрави.

Опозициската партија Движење за демократска промена повика за мирно враќање кон уставна демократија во земјата, додавајќи дека интервенцијата на војската ќе доведе до воспоставување на стабилна, демократска и напредна држава.

Војниците го уапсија и министерот за финансии Игнатиус Чомбо.

Армиски сили се распоредени на клучни места во Хараре меѓу кои и пред зградата на Палраментот. Според западни медиуми, пред банките се формирани долги редови во обид луѓето да ги повлечат заштедите. 

Роберт Мугабе - светски рекордер по должина на претседателски стаж

Роберт Мугабе на власт во Зимбабве е 37 години.

Тој е претседател со најдолг стаж на една африканска држава, а веројатно и во светот, а поради начинот на владеење многумина го обвинувале за насилно гушење на опозицијата и уништување на земјата.

Мугабе е роден на 21 февруари 1924 година, а на власт во Зимбабве е од 1980 година. Бил премиер од 1980 до 1987 година, а од 1987 година станал шеф на државата. 

Пред две години е избран за претседател на Африканската унија, што предизвика незадоволство во африканските земји.

Бил лидер на организацијата Африкански национален сојуз на Зимбабве, која се борела за слобода на црномурестото домородско население во тогашна Родезија.

Освен по „цврстата рака“, во Зимбабве е познат и по негативните ставови кон западните земји.

Својата политичка експанзија Мугабе ја почнува во 1960 година кога се придружил на Националната демократска партија, која брзо потоа е забранета бидејќи се спротивставила на администрацијата на премиерот Јан Смит.

Три години подоцна ја напуштил таа партија и се приклучува на Африканската национална унија на Зимбабве, движење кое е создадено врз основа на марксистичкото учење.

Во периодот од 1964 до 1974 година бил во затвор.

Мугабе завршил студии по право и економија на Лондонскиот универзитет.

И покрај неговата влошена здравствена состојба, Мугабе неодамна изјави дека ќе почне да размислува за повлекување од претседателската функција кога ќе наполни 100 години.

МИА/Видео: Al Jazeera English/MUGERWA FAROUK

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови