Во прекин железничкиот товарен сообраќај, а од вечерва и патничкиот

501 Views Декември 11, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Железничкиот товарен сообраќај во Македонија е во целосен прекин од 07:30 часот утринава, а  железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до полноќ, соопшти МЖ Транспорт ад Скопје.

Утрово во 07:30 часот, група  вработени од машинскиот и извршен персонал во МЖ Транспорт АД Скопје, еднострано и ненајавено, решиле да прекинат со извршување на своите работни обврски. 

- Со оглед на тоа дека во текот на денот кон оваа група се приклучи и друга група од машинскиот и извршен персонал, МЖ Транспорт АД Скопје ја известува јавноста дека железничкиот товарен сообраќај е во целосен прекин од 07:30 часот утринава, а  железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до крајот на денешниот ден, т.е. до 24:00 часот. Сите возови кои во текот на денешниот ден ќе тргнат од станица Скопје Патничка, ќе бидат вратени во текот на утрешниот ден, согласно важечкиот возен ред. За секоја промена на ситуацијата, благовремено ќе ја известиме јавноста, се вели во соопштението од МЖ Транспорт ад Скопје. 

Претставници на машинскиот персонал велат дека причина за прекинот е неисплатениот втор дел од платата за октомври. Посочуваат дека не се организирани од синдикалните организации и оти засега немаат назначено претставник за официјални изјави.

Од МЖ Транспорт АД-Скопје им се извинуваат на сите патници и коминтенти и истакнуваат дека нивниот менаџерски тим ќе работи на што побрзо нормализирање на железничкиот сообраќај.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.