Пет држави од ЕУ го блокирале отварањето на уште едно поглавје во преговорите со Србија

323 Views Декември 12, 2017 Бенчмарк Редакција Емагазин

Германија, Франција, Шведска, Велика Британија и Хрватска го блокирале најавеното отворање и на поглавјето 33 од преговорите за членство на Србија во ЕУ, кое се однесува на финансиските и буџетските прашања, јавија денеска српските медиуми, повикувајќи се на извори во Совет на министри на Унијата.

Овие држави, но и уште неколку други членки на ЕУ, при одлуката за блокирање на отварањето по ова поглавје, во целина ја зеле предвид полугодишната анализа на Европската комисија за имплементација на акциските планови на српската Влада за претходно отворените поглавја 23 и 24.

Во интерен документ на Европската комисија за напредокот на Србија по поглавјата 23 и 24 за владеењето на правото, се наведува дека земјата мора да ги интензивира своите напори во областа на финансиските истраги, спречувањето на перењето пари и конфискација на имотот и донесување на ефикасни правила за азил во согласност со законодавството на ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан синоќа во Брисел го поздрави отварањето на поглавјата 6 и 30 во преговорите на Србија со ЕУ,  но нагласи дека кога станува збор за владеењето на правото и нормализирањето на односите со Косово постојат „се уште предизвици“.

- Србија мора да направи напредок кога е во прашање независноста на судството, слободата на изразување, медиумите, правата на националните малцинства, борбата против корупцијата и организираниот криминал, порача Хаб.

Според него, не е можно отварање на нови поглавја без суштинско фокусирање на владеењето на правото и дијалогот со Приштина.

На Меѓувладината конференција во Брисел синоќа Србија отвори уште две поглавја во пристапните преговори со ЕУ - Поглавјето 6, кое се однесува на правата на стопанските субјекти и Поглавјето 30 - за економските односи со странство.

Според српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, за да може Србија да го затвори поглавјето 30 таа мора, покрај останатото, мора да стане полноправна членка на Светската трговска организација (СТО).

Во изјава за весникот „Данас“, Љајиќ додаде дека непостојат рокови за влез на Србија во СТО и дека досега не се случило одредена земја да стане членка на ЕУ, а да пред тоа не влезе во Светската трговска организација.

Со отварањето на поглавјата 6 и 30, Србија во преговорите за членство со ЕУ има 12 отворени поглавја од вкупно 35-те, од кои досега привремено се затворени само две. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови