Сослушан вториот вештак во предметот „Труст“, предложен од СЈО

Во Кривичниот суд денеска се одржа ново рочиште за предметот „Труст“на СЈО, на кое беше сослушан вештакот Игор Костов, предложен од Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на судењето, одбраната приложи нови документи како докази што беа прифатени од судот и од СЈО.

Гаврил Бубевски од СЈО, по завршување на денешното рочиште, рече дека од сослушувањето на економскиот  вештак предложен од нивна страна во однос на набавката на машините и двете фирми од конзорциумот „Трансмет“ и „Силекс неметали - СТ“, е увидено дека тие не располагале со наведената опрема во тендерската документација. 

Обвинетиот Сеад Кочан во текот на судењето изрази сомнеж дека договорот даден на вештачење и договорот во тендерската документација не се исти. 

Обвинителот Бубевски, на тоа одговори дека вештакот посочил дека двата договори не се со ист архивски број.

- Тоа значи дека тие се обиделе договорот да го идентификуваат со тие 10 илјади аванс и сметаат дека со тоа влегуваат во можност да ги купат машините во вредност од 1,5 милион евра, што нема логика, рече обвинителот Бубевски. 

Посочи дека од сведочењето на вештакот се видело дека машините биле набавени дури следната година и тоа дел, а не сите. 

Во вториот дел од судското рочиште, одбраната од вештакот побара да одговори  дали конзорциумот и без спорната механизација би ги исполнил условите за тендерска документација.

Вештакот на тоа објасни дека доколку одгооври во моментот, тоа треба да биде хипотетички. Сепак, тој рече дека според приложените документи на кои тој вршел вештачење се гледа дека во потребната документација за тендерот се бара 10 единици камиони со носивост од 30 тона, додека конзорциумот приложил дека поседува вкупно 16 камиони и тоа десет камиони „Трансмет“, како носител на конзорциумот, и шест камиони „Силекс неметали-СТ“.

Во „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.