Министерот Димитров негира дека има нов предлог за името

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека нема никаков нов предлог за името, туку дека на средбата во Брисел е утврдена интензивна динамика на консултации.

- Нема никаков нов предлог. Се се шпекулации. Она што е важно дека се утврди интезивна динамика да има средба и во јануари следната година. Местото се уште не е утврдено, но се споменува Њујорк. Можеби ќе биде таму. Ќе има средба и во февруари, март.., рече Димитров во гостувањето на „Ноќно студио“ на телевизија Телма.

Коментирајќи ја опцијата за отпочнување на претпристапни преговори и паралелно решавање на спорот со името, Димитров рече дека треба да се најде начин на зближување за сојузништво.

- Треба да продолжиме да ги убедуваме нашите пријатели во Грција дека ова не треба да биде пречка. Имаме и Времена спогодба и пресуда. Истовремено ние треба да разбереме дека зачленувањето во НАТО значи дека утре Грција треба да биде наш сојузник. Затоа мораме да најдеме начин овој процес да го искористиме во зближување како да бидеме сојузници, рече Димитров.

Според него, настојувањето на Грција прво да се затвори проблемот со името, а потоа да се отвори вратата на Македонија кон ЕУ и НАТО, е стравот дека доколку се случи обратното, ние ќе најдеме начин да не ја надминеме разликата околу името.

Фото: Фејсбук/Никола Димитров

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.