Седницата за Буџетот за 2018 одложена за следниот петок, ВМРО-ДПМНЕ ќе бојкотира

394 Views Декември 15, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Седницата за буџетот за следната година и двете други собраниски седници што беа закажани за денеска се одложени поради објективни причини и неодложни активности на дел од претставниците на Владата на Република Македонија.

Седницата на која на дневен ред беше Предлог буџетот за 2018 година денеска е презакажана за 22 декември. Наместо таа, на дневен ред е ставена 22. седница на која треба да биде именуван јавниот обвинител, како и реформските закони за правосудството. 

На дневен ред на седницата се именувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија и измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет, на Законот за заштита на сведоци и на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, сите по скратена постапка.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на собраниската седница на која на дневен ред е Буџетот за 2018 година, ниту на другите две седници закажани за попладнево. Пратеничката Ане Лашковска изјавата ја даде пред префрлувањето на седницата за Буџетот за 22 декември, непосредно пред нејзиниот почеток. 

-Нема да учествуваме поради тоа што парламентарното мнозинство не создава и не сака да создаде демократски услови за работа, затоа што се врши политички прогон на политички неистомисленици, со апсење на пратеници, на уметници, на луѓе кои што си ја сакаат Македонија, изјави Лашковска. 
 
Не одговори кога пратениците ќе се вклучат во работата на собраниските тела и пленарни заседанија. Прифатените амандамни од опозицијата за Буџетот смета дека се лицемерие од страна на Владата, бидејќи нивните амандани се многу мала сума за „најобемниот Буџет“ на земјата досега.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.