(Галерија) Попова Шапка пред новата сезона: Може ли заспаната убавица да го врати стариот сјај

Попова Шапка чека повеќе снег за да ја почне новата сезона. Едвај педесетина посетители, пред се семејства кои ги донеле своите деца на малку снег и чист воздух, беше сликата од таму овој викенд.



Иако немаше многу снег, сепак беше доволно за малите деца да се спуштаат по најблиската стаза.

Љубителите пак на скијачките спортови ќе почекаат за старт на официјалната скијачката сезона, која што на Попова Шапка почнува околу 10. јануари.



Мештаните се надеваат дека оваа годна ќе биде подобра од минатата година кога ски-лифтовите поголем дел од сезоната биле во дефект.



Сепак не се знае која ќе биде судбината на овој најстар на Балканот ски- центар и дали може повторно да го врати стариот сјај.

Владата неодамна донесе одлука државната компанија ЕЛЕМ, која што е сопственик на ЕЛЕМ Турс, која управува со овој скијачки центар повеќе да не инвестира надвор од основната дејност.



Не е јасно дали тоа значи дека и инвестициите кои што претходната Влада ги најавуваше за развивањето на ски центарот Попова Шапка се ставаат на стенд бај.



Кои се плановите на Владата за туристичките капацитети кои што се во сопственост на ЕЛЕМ нема информација.

Цените двојно пониски од Маврово

Сепак она што е примамливо за македонските граѓани во овој ски-центар е тоа што цените, пред се за изнајмување на скијачка опрема, па дури и цената на пијалоците и храната во угостителските објекти се двојно помали отколку во Маврово во екот на сезоната.



Изнајмување на скии чини од 300 до 500 денари, додека пак на Маврово цените се движат од 500 до 1.000 денари.

Измајмување на санка е од 100 до 150 денари, а даска за скијање може да се изнајми и за 200 денари.



Во неколкуте угостителски објекти кои што се во функција цените се достапни за сите, без разлика дали е сезона или не.



Сместување освен во државните хотели „Попова Шапка“ и „Славија“ кои одамна не се реновирани, се нуди и во други хотелски капацитети по цена од 1.000 денари ноќевање со доручек.

Се издаваат и цели вили за семејства по цени од 50, па до 150 евра од ден.

Стопирана изградбата на новата жичара

Во 2014 година ЕЛЕМ започна со изградба на новата шестоседна жичара на Попова Шапка, инвестиција од 9,4 милиони евра, како дел од планот на враќање на Попова Шапка како туристички и планински центар на европските туристички мапи.



Проектот кој го доби италијанската фирма Лејтнер  се наоѓа на локацијата на сегашниот ски-лифт Мал Јелак. Должината на трасата изнесува 1.420 м. Почетниот капацитет е предвиден на 2.400 скијачи на час.
 

По нејзината должина е предвидено да бидат отворени три нови скијачки патеки со вкупна должина од пет километри, со кои должината на скијачките патеки во првата фаза ќе изнесува 18 км. 

Проектот беше стопиран на почетокот на октомври годинава со забрана за градба на шестоседата жичара на Попова Шапка, од Државниот инспекторат за животна средина.

Оваа забрана, како што информираа од Инспекторатот, е изречена во рок од 90 дена, бидејќи во контролите направени на 5-ти и 6-ти овој месец, било утврдено дека било поместена локацијата за изградба на приемната станица за жичара.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.