Азески: Економијата да се пренасочи од услужни дејности за домашен пазар, кон производство и извоз

661 Views Декември 29, 2017 Интервју Редакција Емагазин

Планот за економски пораст преточен во неколку мерки, кој го промовираше Владата, генерално ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за кои што Стопанската комора на Македонија, постојано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика, вели претседателот на Стопанска комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески во новогодошното интервју за СКМ.

„Мерките во Планот за економски пораст се креирани и координирани од докажани и потврдени бизнисмени во реалниот сектор, кои истовремено се и носители на највисоките политички функции во Владата. Клучната поента е дека Планот за економски пораст дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски пораст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски пораст“, вели Азески.

Тој во интервјуто додава дека, македонската економија денес е зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик.

„Очекувавме дека приватниот сектор, во борбата за поголем профит, ќе оствари пораст на конкурентноста на македонското стопанство, пораст на продуктивноста, на производството, на извозот и со тоа ќе ги совладаме наследените структурни нерамнотежи на патот кон одржливиот развој. Но, тоа не се случи. Големите производни капацитети ги растуривме, а нови конкурентни на отворениот пазар не создадовме. Затоа денеска сме со многу понизок капацитет на приватниот сектор, со ниска основа на реалниот сектор, со преработувачка индустрија од само 12 отсто учество во домашниот бруто-производ (БДП)“, додава Азески.

Клучен предизвик за 2018 година, според Азески, е да се запрат негативните трендови, односно од бавење со услужни дејности главно за домашниот пазар, кон вистински инвестиции во производството во функција на пораст на конкурентноста, односно производството и извозот.

„Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Иако сегашната Влада се стреми да создаде избалансирана економија, не постои лесен и безболен пат на премин од економија која е зависна од увоз и задолжување кон одржлив и инклузивен пораст“, објаснува Азески.

Извор/фото: Стопанска комора на Македонија (СКМ)

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести