Во Косово функционерите со повисоки плати, студентите со пониски стипендии

Универзитетот во Приштина донесе одлука со која се намалува износот на средства за стипендии, кои им се доделуваат на најуспешните студенти.

Во одлуката донесена од Управниот одбор на Универзитетот стои дека висината на стипендијата за академската 2017/2018 година ќе изнесува 500 евра, а се доделува врз основа на постигнатиот успех во академската 2016/2017 година.

- Намалувањето на износот на студенските стипендии е присутно неколку години наназад. Во 2014 година таа изнесуваше 900 евра додека лани тој износ беше 600 евра, а се исплаќаше со задоцнување, јавуваат косовските медиуми.

Приштинскиот универзитет за стипендии годишно исплаќа над 900 илјади евра.

Вакавата одлука наиде на остри критики и поради фактот што во време кога се намалуваат стипендиите косовските функцонери си ги зголемија платите.

Така премиерот Рамуш Харадинај има двојно поголема плата или 2.950 евра, замениците-премиери 2.500, а министрите по 2.000 евра. Повисоки плати имаат и шефот на државата 3.635 и претседателот на Парламентот 2.906 евра. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.