Адвокати, нотари, банкари: Екс-функционерите на ВМРО-ДПМНЕ менуваат професија

По завршувањето со функциите кои ги извршуваа додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, дел од поранешните функционери сменија професија.

Прв адвокатска канцеларија отвори поранешниот министер за здравство, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО –ДПМНЕ, Никола Тодоров.

По оставката од пратеничкото место во мај минатата година Тодоров информираше дека одлучил во иднина да се посвети на неговата основна професија, адвокат и да даде поголем придонес во партиските активности.

Тодоров од јули 2009 до јули 2011 година беше министер за образование и наука, а од јули 2011 до јуни 2017 година беше министер за здравство.

Адвокатска канцеларија отвори и поранешниот директор на Државната Лотарија на Македонија, Владимир Бахчовановски. Тој беше на неколку раководни места во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Го раководеше Ревизорското тело за предпристапна помош, а беше и директор на Јавното станбено претпријатие и ЈП Македонски шуми.

На првиот ден од годинава, како што вчера објави еМагазин, адвокатска канцеларија отвори и поранешниот градоначалник на скопската Општина Аеродром, Ивица Коневски. Тој беше градоначалник на Аеродром од 2009 до 2017 година, а претходно беше и директор на неколку јавни претпријатија.

Во нотарските води заплива Антонијо Милошовски, поранешен министер за надворешни работи и актуелен пратеник. Тој пред две години пак го положи нотарски испит и се подготвуваше да отвори нотарска канцеларија во центарот на Скопје. Сепак по се изгледа дека нотаријатот го оставил на „стенд-бај“.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски откако замина од лидерското место минатиот месец, според информациите во медиумите се подготвувал повторно да му се врати на банкарството.

Никола Груевски (47) е дипломиран економист. Во периодот од 1995 до 1998 година беше директор на одделот за безбедност, планови и анализи на Балканска банка во Скопје, а потоа и управник од Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој. Беше претседател и основач на Брокерската асоцијација на РМ (1998) и ја направил првата трансакција на Македонската берза.

Кон крајот на 1999 година Груевски беше назначен за министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Ивица Коневски отвори адвокатска канцеларија

Груевски му се враќа на банкарството?

Екс- директорот на државната Лотарија, Владимир Бахчовановски стана адвокат

Поранешниот министер Никола Тодоров стана адвокат

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.