Во Грција се лицитираат можни решенија: Име на македонски јазик со одредница и без превод

Терминот Македонија со одредница во рамки на сложено име, но на македонски, без превод на другите јазици е она што во Грција се споменува како можно решение на името. Како конкретен и евентуален предлог преовладува името „Нова Македонија“, токму како што се изговара на македонски.

Текстовите на новинарите од телевизиите „Скај“ и „Антена“, од весниците „То Вима“, „Катимерини“ и „Естиа“, но и изјавите на пратеникот од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и лидерот на „Сојуз на централисти“ се во насока на тоа дека договорот, можеби би бил за сложено име напишано на македонски јазик.

Овие предвидувања и анализи на грчките новинари и ставовите на политичарите, во голем дел се базирани на изјавата на лидерот на Независни Грци, по мини министерскиот совет во премиерската палата.

Панос Каменос, во четвртокот, како што тогаш пренесе МИА, рече дека останува на неговите позиции, потенцирајќи дека „грчкиот термин Македонија е цврста национална позиција“. 

Токму придавката „грчкиот“, пред  зборот „термин“ е она што прави разлика во однос на досегашните изјави на коалицискиот партнер во грчката влада. Каменос во минатото, најчесто говореше за неприфаќање на употребата на „терминот Македонија“.  

„Веројатно, за грчката страна, излез би било словенскиот превод на терминот Македонија“, напиша „Катимерини“ по завршувањето на состанокот.

-Каменос рече дека нема да го прифати „грчкиот термин Македонија“ во кое било решение. Сфаќам дека целиот случај се движи кон едно име кое што ќе биде на словенски јазик, без превод. Ова го кажувам како моја проценка, коментираше надлежниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос при гостувањето во утринска емисија на грчката телевизија „Скај“.

Токму оваа телевизија на нејзиниот сајт објави текст во кој се повикува на извори од грчкото МНР.

- Решение за името на ПЈРМ што ќе го содржи терминот Македонија, но со словенска структура и ќе содржи некоја одредница, бара Грција, според досегашните информации. Според извори од Министерството за надворешни работи, грчката страна е позитивна за можно име Вардарска Македонија или Нова Македонија, пишува грчката телевизија Скај на нејзиниот сајт, а при тоа, двете имиња ги објави како што се читаат на македонски, а не преведени на грчки.

„Нова Македонија“, на македонски го изговори и лидерот на грчката партија „Сојуз на Централисти“ во интервју за грчка телевизија, споменувајќи го како постигнат договор меѓу двете земји.

MИА

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Ќе се прекрстат ли и двете најголеми македонски партии, ако се најде компромис за името

Бутарис: Во Скопје нема протести. Ние немаме малку мозок? 

На 21 јануари протест во Солун против употребата на терминот Македонија

Можни имиња и протест во Солун: Македонија главна тема во грчките медиуми

Грчкиот весник „Real news“: На маса три имиња за Скопје

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.