Бесплатното возење заради загадувањето го чини ЈСП седум милиони денари дневно

Град Скопје воведе бесплатен градски превоз за скопјани поради загадениот воздух. Мерката ја објави градоначалникот, Петре Шилегов, кој истакна дека стапува на сила веднаш и оти важи подеднакво за автобусите на ЈСП и за приватните превозници. 

- Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина, рече Шилегов на денешната прес-конференција и додаде дека автобусите ќе бидат со зачестена фреквенција.

Тој апелираше граѓаните без потреба да не користат возила или доколку мораат да ги користат, во возилата да се возат повеќе лица и побара да не се користат несоодветни материјали за затоплување на домовите.

Најави дека Градот Скопје ќе ги прекине сите градежни активности што се под негова ингеренција и препорача и градоначалниците на скопските општини да го направат истото. Воедно истакна дека ќе се зголемат инспекциските контоли на градилиштата, особен на возилата кои излегуваат од градилиштата, а зајакната контрола ќе има и за доставувачите на стоки.  

- Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, рече Шилегов.

Воедно посочи дека ќе го задолжи Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да ги мие со вода улиците и булеварите кои се во надлежност на градот, а тоа побара да го направат и градоначалниците на скопските општини.

Прeцизира дека воведувањето на мерката за бесплатен градски превоз ги чини скопјани по седум милиони денари дневно.

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.