Спорот за името „во рацете“ на Албанците во Македонија

1264 Views Јануари 9, 2018 Мој став Никола Осило

Со храбри и оптимистички изјави околу можното решение за спорот за името меѓу Грција и Македонија високите државни функционери од двете земји ја започнаа 2018 година.

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчката телевизија Алфа, изрази оптимизам и убеденост дека и двете страни имаат капацитет и можат да најдат решение на проблемот со името до крајот на првата половина на 2018.

Заев рече дека решението треба да биде прифатливо и за двете земји, со коментар дека такво решение постои, но избегна да открие детали, за „да не го урниса преговарачкиот процес“.

Истовремено, грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека постои прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на другата страна е искрена.

Тој најави дека во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока. Според грчките медиуми, Грција во преговорите нема да одстапи од сложено име со географска одредница за севкупна употреба.

Овој став најверојатно ќе му биде пренесен на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи кој денеска ќе престојува во посета на Атина, каде што ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и со алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос.

И покрај сиот оптимизам кај политичките елити во двете земји и големата меѓународна раздвиженост и поддршка да се најде решение за деценискиот спор во 2018 година, останува обврската за референдумско изјаснување на населението околу можните предлози за ново име на Република Македонија, што секако може да биде голем проблем за политичките функционери од двете земји.

Имено, голем дел од популацијата пред се од Северна Грција е против идејата новото име да го содржи зборот Македонија.

Од друга страна, иако вицепремиерот Кочо Анѓушев неодамна изјави дека за него е прифатливо какво било решение кое ќе го содржи зборот Македонија (Горна или Северна), голем дел од македонските граѓани се чувствителни во однос на прашањето на менување на името и најверојатно воопшто не би излегле на референдум по ова прашање.

Кога станува збор за Македонија, тоа значи дека под услов на апстиненција на голем дел од македонското население и излез на членовите и поддржувачите на СДСМ и коалициските партнери пресудно за успешно одржување референдум ќе биде излезот и гласањето на граѓаните-Албанци.

Фото: economia.gr

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!