Годинава ќе возиме по два нови автопати, а се проектираат уште два

Освен што годинава по повеќе од две децении конечно ќе возиме по два нови автопати, се интензивира и градбата на експресни и регионални патишта во Македонија. Во исто време Министерството за транспорт и врски работи на проектирање на два нови автопати.

Според последните најави од Владата, за три месеци, поточно во март, ќе биде пуштена во употреба автопатската делница од Демир Капија до Смоквица, која е дел од Коридорот 10. Овој автопат долг 28 километри се градеше пет години и чини 280 милиони евра. 

Шест месеци подоцна, во септември, ќе биде готов уште еден автопат, од Миладиновци до Штип, прв по подолго време изграден на истокот од државата. Тој е во дожина од 47 километри. 

Првично требаше да биде готов минатиот мај, но беше потпишан Анекс договор со кинеската компанија „Синохидро“ така што по нов асфалт кон истокот ќе возиме дури наесен. Вкупната вредност за неговата изградба е 206 милиони евра.

За третиот автопат што се гради на западот на Македонија, од Кичево до Охрид, поради настанатите проблеми на терен, ќе возиме за три години, дури во 2020 година. 

Делницата долга 57 километри, чија изградба требаше да чини 375 милиони евра, поради грешка во трасата веќе неколку месеци не се гради. Владата преговара со изведувачот, кинеската компанија „Синохдро“, уште колку пари и време ќе бидат потребни да се заврши. 

Освен на нови автопати, се работи и на реконструкција на постоечките, кои веќе неколку години се оштетени, а сега ќе добијат нов асфалт. Така, следната година ќе биде завршена реконструкцијата на автопатската делница од Неготино до Демир Капија и од Миладиновци до Куманово, за кои се очекува да бидат целосно обновени ова лето.

Се проектираат два нови автопати

Од Министерството за транспорт и врски велат дека интензивно се работи и на автопатите што се предвидени за изградба. Така, во буџетот за оваа година се предвидени средства за проектирање на автопатот од Гостивар до Кичево, но и за автопатот од Скопје до граничниот премин Блаце.

За автопатот од Кичево до Гостивар, според проекциите се очекува дека градежните активности би започнале дури следната година.

За автопатот до косовската граница oд Министерството за транспорт и врски велат дека изградбата на овој автопат во должина од само 13 километри е врвен приоритет на Владата и дека во моментов се прави репроектирање на веќе изработената проектна документација.

Експресните патишта приоритет 

Но, освен автопати, фокус во наредните две години ќе се стави и на изградбата на експресните патишта.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека на почетокот на годинава ќе започне изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш, кој треба да биде готов за две години, до 2020 година. Вкупната инвестиција изнесува 28 милиони евра, а вкупната должина е 23,5 километри.

Со забрзано темпо се гради и експресниот пат од Градско до Прилеп. Оваа делница треба да биде готова до 2020 година. Вкупната должина е 33,5 километри со проценета вредност од 70 милиони евра.

Во тек е изградбата, исто така, на експресниот пат од Штип до Кочани, кој треба да биде готов до 2020 година. Вкупната должина на оваа делница е 28 километри, а вкупната инвестиција е 20 милиони евра.

Годинава треба да започне и изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка. Оваа делница е во должина од 28 километри, а инвестицијата е проценета на околу 30 милиони евра. 

Покрај тоа, во тек е реконструкција на регионален пат Кочани до Делчево, од Гостивар до Кичево, како и државниот пат Мост-Близанско-Калуѓерец во Македонски Брод.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во моментов на терен се работи на реконструкција на државните патишта од Петровец до Миладиновци, од Кадино до Хиподром, потоа од Сарај до Групчин, од Берово до Струмица, како и државниот пат од Валандово до Струмица.

Фото: Министерство за транспорт

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.