Македонија 16 години во Дрисла користи токсичен инсинератор за горење отпад

Македонија 16 години во Дрисла користи токсичен инсинератор за горење отпад за кој пред неколку години пишувал и британски Гардијан.

Инсинераторот ѝ бил доделен на Македонија од страна на британската влада за горење медицински отпад, а истиот ги прекршува стандардите на Европската Унија и би бил нелегален во Британија.

„Сегашниот инсинератор, кој е поставен во склоп на депонијата ‘Дрисла’, е донација од британската влада“, потврдија од Министерството за животна средина за „Макфакс“.

Според портпаролката Беса Татеши, овој инсинератор е единствен во земјата. Планирано е да се постави нов, но засега не се знае кога тоа ќе се случи.

„Свесни сме дека самиот инсинератор не ги исполнува стандардите што се очекуваат и кои треба еден инсинератор да ги исполни, понатаму, во согласност со интегрираната еколошка дозвола што ја имаат во ‘Дрисла’, планирано е да се постави нов инсинератор, кој ќе биде современ и изграден и ќе работи во согласност со стандардите“, изјави за Макфакс, Татеши.

И од Градот Скопје велат дека инсинираторот што е во функција на депонијата е донација од Велика Британија и тој е сè уште во употреба.

Извор: Макфакс

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.