Шилегов: Град Скопје уште во 2012 година издал меница за набавка на нова печка, а печка нема

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, смета дека одговорноста за тоа зошто било дозволено досега инсинераторот на депонијата Дрисла да работи без филтри е на поранешните градоначалници на градот и екс-министрите и заменици министри за животна средина.

Тој очекува до крајот на февруари да биде ставен воден филтер на печката за согорување на отпадот и до крајот на годината да се реализира набавка на нова печка, која е во тек, согласно одлуката на МЖСПП.

- Индикативно е зошто тоа досега не е направено со оглед дека Градот во 2012 година се јавил како гарант за набавка на нова печка со давање на  меница во висина од 700.000 евра. Зошто од 2012 до 2018 година тоа не е направено ќе видиме во некои други постапки. Досега некој не си ја работел работата за која бил платен од граѓаните, вели Шилегов на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Нагласи дека тој како градоначалник во текот на 2,5-месечниот мандат работи на она што е негов врвен приоритет, на градската администрација и на МЖСПП, а тоа е, вели, заштита на животната средина и прочистување на амбиенталниот воздух. Посочи дека токму оваа градска администрација по првпат и изрече казна на Дрисла за загадување на воздухот, а имаат утврдено и посебен режим за работа на инсинератотот.

МИА/Фото: Дрисла

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

За десет години Дрисла заработила најмалку 4,7 милиони евра од палење медицински отпад

До сега не труеше, но под притисок на јавноста Дрисла ќе купува воден филтер за инсинераторот за согорување на отпад

Вознемирувачки раст на количината на медицински отпад што се гори во Дрисла

За согорување на 1 килограм медицински отпад, Дрисла наплаќа 56 денари: Кои се другите цени

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.