Проклетите провинцијалци го загадија Скопјево

7423 Views Јануари 13, 2018 Мој став Петре Димитров

Девојките од провинција доаѓаат во Скопје за да се омажат, а мажите да им ја земаат работата на Скопјаните.

Најнов стеротип во зародиш е дека со нивните автомобили со кои доаѓаат по потреба, а не туристички, е и дека провинцијалците го загадуваат Скопје.

Констатацијата не дојде од било кој, туку од првиот човек на градот, градоначалникот Петре Шилегов.

Тој по пример на светските метрополи размислува за провинцијалците да воведе комбиниран превоз. Да паркираат на влез од градот, а потоа со јавен превоз да се возат низ Скопје.

А по кои тоа стандарди Скопје е метропола? По јавниот превоз сигурно не. Приметил ли Шилегов дека половина од автобусите се крш, во недоволен број и дека се едни од загадувачите? На која железница мисли и на кои велосипеди?

И неговиот партиски колега Томислав Тунтев ќе паркира пред влезот на Скопје, па после со автобус ќе оди до Собрание? Или со точак?

Ваквите безсмислени идеи, не само што не даваат решение за загадувањето, туку хранат и глупави стеротипи и прават нови поделби. Доволно се делевме на вакви и онакви.

Празничните викенди кога низ Скопје немаше сообраќајен метеж, а пак беше енормно загаден воздухот, покажаа дека вистинскиот загадувач е некој друг.

Наместо да се замајува јавноста со „недоквакани“ предлози, и да се обвинува претходното раководство, време е да се сработи тоа што е ветено. Сакаме чист воздух! И не само во Скопје!

И да, кога сме веќе на тема провинцијалци, време е Македонија да спроведе вистинска децентрализација, како секоја нормална држава.

Зошто сите административни, образовани и здравствени институции мора да се во Скопје.  

Зошто парите од Струмица и Тетово да се трошат за Скопје?

Нека сериозно се решат овие работи, па ќе видиме кој ќе доаѓа во Скопје да се труе со отровен воздух.

Фото: deberti.com

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Градот разгледува можност граѓаните од внатрешноста да паркираат на влезот од Скопје, а потоа да се движат со јавен превоз 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.