(Фото) Загадувањето, тема и на Вевчански карневал

Луцидните вевчанци и оваа година преку маски и со духовити пораки успеаја да ги исмејат и иронизираат актуелните општествени текови и пред се политичките случувања што ја одбележаа минатата година.

Тие на традиционалниот карневал под маски, тн. театар на отворено стар повеќе од илјада години, низ хумор и сатира денеска го прикажаа се она што не им се допаѓа, се она што ги мачи, нервира, глупоста човекова што заслужува да биде етикетирана и јавно исмеана.

Колоритните маски тајно осмислувани и вредно создавани во текот на целата година, најчесто од евтини материјали, износена облека, картонски кутии, стари предмети, продефилираа низ Горна и Долна маала. Централната манифестација, дефилето на маските почна во 14 часот.

И овојпат тука беа неизоставните глупави августи, ѓаволите, музикантите, зетот и невестата, но и десетици групни маски, цели сцени на отворено.



Најзабележливи и најоригинални беа футуристичката маска „Скопје 2025“ за загаденоста во градот, поставката што ги исмејуваше народните избраници и нивните паушали за патни трошоци, за двојазичноста, случувањата во Собранието, правата на ЛГБТ заедницата, ...

Гости од сите краишта на земјата, па и странци дојдоа да видат што тоа вевчанци подговија за ова карневалско издание. Имаше политичари. И тие дојдоа да видат. И се видоа. Имаше и од оние кои не дојдоа, а ги видовме. Сите претставени преку вевчанскиот мајтапџиски дух што не простува.

- Вевчани заслужува овој препознатлив фестивал и сите други приказни што ги има да го направат позната и брендирана туристичка, но и културна дестинација...Карневалските маски резонираат и со новите владини политики, критични се, отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип – демократизација на  културата, на општеството, освојување нови хоризонти на критичката култура, рече во оваа прилика министерот за култура Роберт Алаѓозоски.

Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски за овој фестивал рече дека нема сценарио, тој не се организира, сето што се случува и презентира се одвива без режија, спонтано...

Каде и да е нивното место на живеење, вевчанци на Василица се тука. Аманет и оставштина од минатите генерации е на овој ден тие да бидат со своите најблиски, роднини, пријатели, соседи.

Традицијата налага и после завршувањето на карневалот да се запалат маските. Тие утре попладне ќе пламнат, за на тој начин симболично да изгори се она што не беше добро минатата година. Ќе биде голем оган...

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.