Најчевска: Законот за употреба на јазиците не смее да се употребува се додека не биде направен попис

Професорката Мирјана Најчевска на својот блог kvadraturanakrugot.crnaovca.mk ги сподели своите видувања за Законот за употреба на јазиците, кој пред неколку дена беше изгласан во Собранието.

Ви го пренесуваме нејзиниот став: 

„Морам да признаам јас лично бев против донесување на еден ваков закон. Мислев (и се уште мислам) дека материјата на употребата на јазиците најдобро може да се уреди со ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици на Советот на Европа.

Оваа повелба плени со својата идеја за заштита на јазиците како дел од културното наследство на Европа, со својата прецизност и со отвореноста за различни решенија зависно од конкретните состојби во одредена држава.

Посебно ми се допаѓа тоа што не е врзана со проценти и бројки туку со она што значи традиционална употреба на јазиците на одредена територија.

Меѓутоа, и покрај тоа што Македонија ја потпиша повелбата (на 25.07.1996), не се реши и да ја ратификува.

И ете – Законот е изгласан.

И во него стои определбата: “јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“.

Во моментот кога во закон ќе бидат ставени бројки, тие мора и да се почитуваат.

За да се почитуваат мора да се знае точно дали е навистина достигнат бараниот процент.

За да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов.

Ова не може да се базира на претпоставки (бидејки е суштински елемент на Законот), туку мора да се измери.

Со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис од 2002 година, во моментов нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот.

Тоа значи дека Законот не смее да се употребува се додека не биде направен попис.

Така е тоа кога во закон ќе ставиш прецизни бројки. Мораш до нив и да се држиш. Се друго ќе биде политички волунтаризам и спротивно на одредбите на Законот„.

Фото: Фејсбук/Мирјана Најчевска

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Ќулавкова, Силјановска, Груевска: Итно повлекување, со измените во Законот за јазиците се деградира државното право на македонскиот народ

Каролина Ристова Астеруд: Законот за употреба на јазиците-рамковна и уставна тиранија на малцинството

Сите детали од законот за употреба на јазиците: Имплементацијата ќе чини милиони 

Што пишува во Уставот за употребата на македонскиот јазик и јазиците на националностите?

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.