(ВИДЕО) Тони Дескоски: Не можете да ми го смените името во Горан од Тони и јас да останам со истиот идентитет

Професор Тони Дескоски, застапник на Македонија пред судот во Хаг во изјава за телевизијата Канал 5, го образложи своето видување за актуелните случувања за решавањето на проблемот за името.

Ви ја пренесуваме неговата изјава:

„Нужно е да се идентификува во која фаза се преговорите меѓу Македонија и Грција, после иницијалната фаза од јуни месец тие влегуваат во една зрела фаза и притоа треба да се има во предвид временската рамка. 

Временската рамка е Самитот на НАТО во Брисел кој ќе биде на почетокот на јули и на којшто ќе биде направен рекапитулар односно тоа е моментот кога се очекува да биде донесена одлуката за прием на Македонија во НАТО. 

Она што нам ни се случува во изминативе месец дена е една жестока пропаганда обработка, пред се од страна на Грција, нејзината дипломатија и грчките медиуми со една цел - да се создаде впечаток кај македонската јавност дека договор е постигнат и дека сега се во фаза некои последни финализирања на ситните детали. 

На пример ќе наведам дека на 15ти декември еден грчки портал објави дека Република Македонија понудила име - Нова Македонија, односно Република Нова Македонија што е според мене апсолутно невистинито. 

Целта на грчката дипломатија е да ја скрие временската рамка, тоа е јули месец, бидејќи тоа е моментот кога треба да се реализира покрај македонскиот и западниот суштински интерес, американскиот интерес, а тоа е интегрирање на Република Македонија во НАТО, како дел од еден поширок процес на стабилизација на Балканот и процес во кој централна улога ќе има вршењето на притисок врз Србија да се приклони кон Западната Алијанса и на тој начин Србија да се одрекне од сопствениот иредентизам.

Лидерот на опозицијата (грчката) афирмираше опстојување на црвените линии односно на националниот консензус кој кај нив е постигнат во 2007 година. 

Морам да кажам дека Владата на Грција во изминативе недела дена јасно манифестираше дека стои на тој консензус.

Практично тоа ги прави преговорите невозможни, бидејќи повторно се враќаме на понудата од Букурешт, а тоа е преименување на државатаво Република Северна Македонија, или Горна или Нова, што е суштинско преименување и коешто за нас многу неповолно ги отвора сите идентитетски компоненти и прашања и практично го оневозможува постигнувањето на договор. 

Клучната цел која Грција сака да ја постигне не е спрема нас, туку спрема западните сојузници, а тоа е да создаде впечаток, значи перцепција дека тие направиле максимален напор за да се реши спорот за името, но ете македонската страна е таа која ги одбила нивните наводно разумни предлози. 

Од друга страна Грција прави максимален напор и морам да признаам дека успева. Нашата дипломатија тука е прилично трома, неуспешна и инертна, а тоа е да ја скрие пресудата на Меѓународниот суд на правдата и упорно да афирмира отстранување на некаков иредентизам од наша страна во услови кога со пресуда на Меѓународниот суд на правдата е јасно утврдено дека на наша страна, нема поведение кое би можело да се подведе под иредентизам.

(За нивното барање да има откажување од античката историја).

Напротив, Грција може да се провери на веб страната на нивното Министерство за надворешни работи, ден денеска, вчера, пред десет години, дека иредентистичката политика на Македонија е манифестирана во серија од повреди на Времената спогодба, повреди од наша страна. 

Истите тие повреди беа предмет на Меѓународниот суд на правдата и тој најде дека грчките тврдења се неосновани, односно невистинити или ако сакате кажете лажни. 
Како сакате наречете ги, но ако немате форми на иредентистичко поведение вие не може да имате иредентизам. 

А ова со античкото историско наследство мислам дека нашата Влада прави добар потег и тука е некој чекор кој би можел да биде направен ама тоа е на периферијата на проблемот. 

А тоа е раскинување на секаков обид, да се поврзе идентитетот на македонската нација создадена во 19ти и 20ти век, кристализирана преку одлуките на АСНОМ, со античка Македонија. 

Нашиот идентитет, така како што нашите претци, основоположниците на македонската држава во АСНОМ го поставија е словенски идентитет. 19тиот и 20тиот век е битка на македонскиот народ да се ослободи од прангите на грчката црква и да го идентификува својот словенски идентитет. 

Многу голема грешка беше во изминатите години обидот таквиот идентитет да се преформулира и да се закачи за античка Македонија. Тоа олеснува, но не го решава проблемот.

Основната идентитетска компонента е името. Мене не можете да ми го смените името во Горан од Тони и јас да останам со истиот идентитет. Да, јас и понатаму ќе бидам маж, ќе имам 46 години, ама ќе бидам некој друг, ќе бидам Горан, а не Тони. 

Оттука обидите или жонглирањата со некакво преименување на државата пришто ќе се задржи терминот Македонија ама ќе му се даде некоја додавка е всушност тоа.

Обид за преименување а потоа се отвора целиот идентитетски пакет којшто не води до суштината на проблемот а тоа е дека Грција не може да ја прифати македонската нација како таква.

Ќе ве потсетам денеска повторно во истиот документ кој е официјален документ на грчкото Министерство за надворешни работи и кој ја одразува официјалната позиција на Грција стои дека срцевината на проблемот за името е всушност вештачката и лажна македонска нација создадена од Тито во текот на Втората светска војна.

Замислете сега ние преговараме од позиција на вештачка и лажна македонска нација создадена од Тито.

Оттука произлегува вистинската намера а тоа е да се држи отворено прашањето за името, да не се дојде до решение, Република Македонија да се држи надвор од НАТО, што решава некои други безбедносни потреби на Грција, а тоа е да го олабави притисокот врз Србија за Србија да се приклони кон Западната Алијанса.

Само ќе потсетам, спорот за името беше измислен од Владата на Мицотакис, не од друга причина туку како форма за притисок врз нашата држава да не излезе од федерацијата на скратена Југославија на Слободан Милошевиќ. Практично тие се обидуваа за Слободан Милошевиќ да го задржат неговиот плен или делот од територијата. Истото го прават и денес.

Решавањето на спорот за името е приоритет кој го наметнува грчката Влада со цел да спречи влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Приоритетот на Македонија е влез во НАТО. Ние отворено манифестиравме несогласување со суштинското именување во 2008 година, поведовме постапка пред Меѓународниот суд на правдата и докажавме дека Грција всушност го крши Договорот за добрососедство.

Пресудата не се однесува на НАТО. Пресудата има една централна функција - да манифестира кој е создавачот на проблемот и да потенцира кој ги нарушува добрососедските односи меѓу Македонија и Грција а кој е жртвата.

И по таа пресуда, идентификувано е дека прекршителот на добрососедските односи е Република Грција, а жртвата е Република Македонија. Меѓутоа за жал нашата дипломатија, шест години не сака во ниту еден момент да декларира дека немаме иредентистички аспирации кон Грција, не сака во ниту еден момент да се претстави како жртва на Грција, а уште помалку пак да ги потенцира Договорот за добрососедски односи и времената спогодба од 95-та година.

Не може да биде прекршител на добрососедски односи, тој према кој се прекршува Договорот за добрососедски односи„.

Извор/видео: Канал 5/Фото: Академик

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.