Барањата не завршуваат со Законот за употреба на јазиците, на ред се химната и грбот

Во јавноста се уште не стивнуваат реакциите по донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Собрание, кој до четврток треба да го потпише и претседателот Ѓорге Иванов.

Доколку тоа не го направи Иванов, Законот повторно треба да биде изгласан во Собрание.

Законот кој ќе овозможи поголема употреба на албанскиот јазик, не е единственото барање на албанските политички партии.

Како што е познато тие бараат и промена на химната и грбот, за да како што велат, биде рефлектирана општествената мултиетничност.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Сите детали од законот за употреба на јазиците: Имплементацијата ќе чини милиони 

Што пишува во Уставот за употребата на македонскиот јазик и јазиците на националностите?

Како се регулирани законски прашањата за химната и грбот

Државните симболи на Македонија се регулирани со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, во кој стои дека ни една промена на државните симболи не може да помине без минимум 81 пратеник:

„Член 5

Државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна. Грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници„.

Во моментот според распоредот на силите во македонското Собрание го нема потребниот број на пратеници за промена на некој од државните симболи.

Досегашни промени на знамето 

Химната на Република Македонија е единствениот државен симбол кој до сега не претрпел некаква измена.

Изгледот на македонското знаме до сега е сменет еднаш.

Во периодот од 1992 до 1995 година, како симбол за македонското знаме се употребуваше ѕвездата од Кутлеш, што доведе до негативни реакции од соседна Грција, поради наводните „ексклузивни права“ на користење на симболот од грчка страна.

Предлогoт за знаме на Македонија, со ѕвездата од Кутлеш, беше поднесен до Собранието од Тодор Петров на 6. август 1992 година. 

Процесот на усвојување и промена на државното знаме на Македонија започна во 1995 година. Тогашната Влада на Македонија го задолжила Мирослав Грчев да подготви идејни решенија за ново знаме и нов грб на државата.

Грчев изготви по 12 дизајни за знаме и грб на Македонија. Собранието воопшто не расправаше за грбот, иако тоа беше во план, а како ново знаме е прифатен последниот предлог на Грчев, односно дизајнот каде сончевите зраци се на целата површина на знамето.



Интересно е тоа што во оригиналниот дизајн немало одделување на зраците од дискот, туку тоа било отпосле сменето во Собранието. 

Досегашни промени на грбот

Македонскиот грб, со мали модификации, е во употреба уште од 1946 година кога е заменет грбот на Народна Република Македонија, a на 16 ноември 2009 е отстранета црвената петокрака од социјалистичкиот македонски грб.


Во декември 2014 година, Владата на Македонија усвои нов предлог-закон за државен грб на Македонија. Новиот предлог, според замислата, требаше да го замени актуелниот пејзажен грб со златен штит со приказ на разгневен црвен лав, но тоа не се случи.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.