Незадоволни од судските одлуки: Словенечките ракометари размислуваат да го напуштат ЕП

513 Views Јануари 16, 2018 Спорт Редакција Емагазин

Ракометната репрезентација на Словенија размислува да се повлече од Европското првество во Хрватска, незадоволни од судски одлуки, посебно во вчерашното реми против Германија (25-25).

Европската ракометна федерација ја одби денеска жалбата на Словенците и го регистрираше натпреварот со синоќешниот резултат. Конечната одлука ќе ја донесе Ракометниот сојуз на Словенија, на чело со претседателот Фрањо Бобинац, соопштено е на прес-конференцијата во Загреб.

Бобинац најави и приватна тужба на Ракометниот Сојуз на Словенија кон ЕХФ поради влијание на поединец на конечниот резултат, кој беше 25:25. Словенците исто така ќе се жалат и во Судот за спортски права во Лозана.

- Ова ги преминува сите граници, па нашата федерација сериозно размислува да го напушти ЕП, иако од друга страна се плашиме од негативните последици кои можат да произлеат од ваквата одлука, изјави генералниот секретар на РСС, Горан Цвијиќ.

Литванските судии неколку секунди пред крајот донесоа одлука да му дадат црвен картон на Блаж Благотиншек бидејќи не се наоѓал на потребните три метри оддалеченост од германскиот играч, кој сакаше да изведе од центарот, на само секунда пред крајот.

Потоа беше досуден црвен картон за Благотиншек и пенал за Германија, кои успешно го изведоа и натпреварот заврши нерешено. Судиите 10 минути ја гледаа видео снимката, и ја донесоа контроверзна одлука по што селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ револтиран застана на голот да го брани пеналот.

Бобинац и соработниците ќе одлучат дали ќе се одлучат да го направат радикален потег и ќе го напуштат Загреб пред последниот натпревар од првата фаза од ЕП. Словенечката репрезентација по два натпревара има само еден бод, по ремито со Германија и поразот од Македонија (25-24) кога Вујовиќ, исто така, имаше многу забелешки за судењето.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.