Македонија ја поддржува Европската декларација за производството на соја без ГМО

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, во рамки на саемот „Зелена недела“ во Берлин, потпиша изјава со која ја официјализира македонската поддршка на Европската декларација за производството на соја без ГМО.

Како што информира Министерството за земјоделство (МЗШВ), потписници на заедничката Декларација се Австрија, Хрватска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Луксембург, Холандија, Полска, Романија,Словачка и Словенија.

- Поради растечкиот интерес кај потрошувачите за производи без ГМО, особено оние од животинско потекло, потписниците прават напори да го нагласат зголемувањето на изборот на потрошувачите во однос на храната без ГМО и добиточната храна. Токму затоа го поддржуваат понатамошниот развој на пазарите за одржливо одгледување соја без ГМО и производи од соја, како и воспоставување систем за транспарентно етикетирање на производите врз основа на уверение за производствени стандарди, соопшти МЗШВ.

Со Декларацијата се дава поддршка на зголеменото производство на  соја и други легуминозни култури за храна и добиточна храна за развој на поодржливи и поеластични земјоделски системи во Европа, како и поддршка на Агендата 2030 на ОН и Стратегијата за одржлив развој на Европската унија.

Мерките опфатени со оваа Декларација се во насока на борба против гладот, подобрување на процесот за обезбедување храна, подобрување на исхраната и унапредување на одржливото земјоделство. Но, се предвидува и заштита, враќање, како и унапредување на одржливото користење на копнените екосистеми, одржливо управување со шумите, борба против уништувањето на шумите и запирање на губењето на биодиверзитетот.

- Мерките треба да обезбедат  информации за потрошувачите, за промовирање растителни протеини, попрецизна исхрана на добитокот за да се зголеми ефикасноста на употребата на протеини за исхрана, поефективна употреба на други европски извори на протеини како што се оброци од семе од репка, сончоглед и нус-производи, да ја зајакнат поддршката за сертификација на одржливо-произведена соја и храна увезена од други делови на светот, за да се задоволат останатите потреби за кои има  побарувачка, дополнува Министерството.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.