Прво акцизи, сега ДДВ: Како СДСМ ќе ја враќа средната класа?

2659 Views Јануари 21, 2018 Мој став Никола Осило

Не стивнуваат реакциите по најавата дека граѓаните кои заработиле милион денари по основ на вршење стопанска дејност ќе мораат и годинава да плаќаат ДДВ иако владејачката СДСМ вети дека ќе го подигне прагот за оваа давачка на 2 милиони денари.

Граѓаните негодуваат дека на тој начин два пати се оданочуваат, бидејќи за нивните договори на дело и за профитот плаќаат данок на добивка односно персонален данок. Тие го поставуваат прашањето како СДСМ мисли да ја врати средната класа во Македонија кога првичните чекори откако дојдоа на власт не одат во прилог на нивните ветувања.

Имено, Владата предводена од СДСМ реши да ги зголеми акцизите за дизел горивата,што директно удира по џебот на граѓаните со помали примања кои набавуваа вакви возила за нивниот транспорт да биде поевтин.

Сега, земјоделците, програмерите и другите граѓани кои остваруваат приходи поголеми од петнаесетина илјади евра годишно од производство или од давање услуги ќе мораат да си платат ДДВ од 18 отсто, што значи дека СДСМ ги продолжува политиките на ВМРО-ДПМНЕ, која го намали овој праг на милион денари.

Истовремено, и покрај најавите дека ќе ги зголеми даноците за богатите кои работејќи со сметки во егзотичните земји и пиратските острови направија милиони евра профити досега Владата не повлече ниту еден потег и не најде начин да ги оданочи нивните приходи.

Воедно, криминално-политичките структури од поранешната владејачка гарнитура кои ги опустошија државните ресурси и направија богатства додека беа на функција се уште се шетаат на слобода, а од укрaдeните пари нема ни трага.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!