Нов македонски агрегатор „Популаст“ на кој ги има најчитаните вести од светот

Вестите кои предизвикале најголем интерес во светот, односно кај читателите на најреномираните светски медиуми, отсега на едно место можат да се прочитаат на агрегаторот „Популаст“ (Populast.com), креиран во Македонија од страна на основачот на Тајм.мк, Игор Трајковски.

На „Популаст“ ги има вестите кои предизвикале најголем интерес кај читателите на „Твитер“ и на „Фејсбук“ на 223 светски влијателни медиуми. Според Трајковски, тоа се вестите кои најмногу биле споделувани и коментирани и според читаноста, отскокнуваат од просекот на другите вести на истиот медиум.

„Станува збор за алатка со помош на која читателот се информира кои вести пројавиле абнормален интерес кај публиката. Отстапување од нормалноста е всушност информацијата која ќе се најде на оваа веб-страница“, вели Трајковски.

Тој додаде дека за ударните вестите кои се објавуваат на веб-страниците на медиумите најчесто одлучуваат уредниците, но тие и не мора да бидат најчитани.

„Вестите кои се ставени како ударни, може да имаат просечна читаност како и сите други вести на медиумот. Но на социјалните мрежи, најдобро може да се види кои вести ги интересира публиката и најчесто тие се тангирани од таквите вести“, додаде Трајковски.

Тој информираше дека овие 223 највлијателни светски медиуми дневно објавуваат околу 250.000 постови, а агрегаторот ги повлекува оние кои отскокнуваат од просечната читаност.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.