Од Скопје се лета скоро 100 години: Како се менувале имињата на македонскиот аеродром

2095 Views Јануари 25, 2018 Ретро Редакција Емагазин

Премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во Давос вчера најави промена на името на скопскиот аеродром „Александар Велики“ , но не даде информација кое ќе биде новото име. Дел од грчките медиуми објавија дека аеродромот ќе се вика „Киро Глигоров“.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Аеродромот во Скопје ќе се вика „Киро Глигоров“?

Заев по средбата со Ципрас: Ќе се смени името на автопатот и скопскиот аеродром

Македонија има аеродром 96 години кој досега неколку пати ја менувал локацијата, но и името.

Аеродром „Александар Велики“ во минатото беше познат и како Аеродром Петровец (именуван по неговото најблиско село Петровец) и како Аеродром Скопје.

На 27 декеври 2006 година, македонската влада го промени името на аеродромот, од „Аеродром Скопје“, во „Аеродром Александар Велики“. Ова преименување дополнително ги влоши грчко-македонски односи, бидејќи двете држави го сметаат Александар Македонски како свој.

Кога бил изграден првиот аеродром во Скопје

Според историските податоци аеродромот “Скопје“ започнал да се гради околу 1922-тата година лоциран во непосредна близина на центарот на градот, односно истата локација каде што денеска се наоѓа населба Аеродром. Всушност населбата подоцна го добила името токму поради овој мега популарен аеродром во тоа време.

Тоа бил објект со контролна кула, метеролошка станица и голема писта.

Големиот Жупан на Скопје Антонио Вилдовиќ во 1925-тата година, како вљубеник на воздухопловството и прв човек на власта, купил еден француски авион од типот “Каљдран” кој се запишал како прв цивилен (спортски) авион во Кралството Југославија.

Со цел да се привлече поголемо внимание и интерес кај населението за военото и цивилното воздухопловство, во Скопје бил формиран аероклуб “Наши крила”.

Обласниот одбор на Аероклубот организирал аероденови на кои имало приредби и популарни предавања. Аероклубот имал 5.000 членови, на чело со генерал Антониевиќ.

На 09.05.1933 год. бил набавен авионот “Скопје”, а истата година, со средства собрани од предавањата и аеромитинзите, бил купен нов авион “Косово”.

Есента во 1926-тата година бил одржан и првиот аеромитниг со учество на воени авиони и пригодна програма. Секоја година се одржувале аеромитнзи на релација “Аеродром Скопје” – “Зајчев рид”. Во тоа време за само 30 динари секој можел да проба да лета. Овие аеромитнизни биле достапни за сите граѓани и претставувале вистинска атракција во градот.

Првиот патнички авион кој слетал на 15-ти јуни 1928-ма година на Аеродромот “Скопје” бил авион од типот “Потез-29” од француско потекло кој превезувал 5 патници и 290 килограми товарен багаж на релација Белград – Скопје – Подгорица –Мостар – Сараево – Белград.

Прва линија Солун-Скопје-Белград

Во 1929-тата година била воспоставена и авионската линија Солун – Скопје – Белград. Времето на тргнување било во 7 часот наутро од Аеродром “Скопје” и било така планирано што патниците и трговците од Солун им се овозможувало заштедат време и да си ги завршат дневните тргувања на тогашните регионални пазари.

На патниците во Белград им бил овозможен престој од 6 часа. Од градот Скопје до Аеродром “Скопје” имало организиран превоз за трговците и патниците.

Возилото тргнувало од добро познатата стара кафеана “Маргер” во 6:15 часот наутро, a трошоците за овој превоз биле пресметани во авионскиот билет кој се продавал во “Француско – Српската Банка” или во агенцијата на самиот аеродром.

За релација на Скопје – Белград билетот чинел 450 динари, а повратниот билет кој важел 3 дена чинел 800 динари.

Повратен билет мо ле да користат државните чиновници резервните офицери и офицерите. Секој патник можел да понесе 15 килограми багаж бесплатно.

На редовната линија Скопје-Белград-Скопје се обраќало друштвото за авио-сообраќај “Аеропут”. Неговите пилоти биле многу вешти на што укажува и фактот дека немало авионски несреќи. Тоа биле пилотите Стрижевски, Јарошенк, инженер-конструктор Станисавлевиќ и др.

Тој аеродром во почетоците имал само домашни дневни чартер летови, за подоцна да добие и класификација на интернационали аеродроми.

Во 1930 прва меѓународна авио-линија од Скопје

Првиот меѓународен лет се реализирал во 1930 година на релација Виена-Грац-Загреб-Белград-Скопје-Солун, додека пак нешто подоцна во 1931 година била пуштена авионската линијата Скопје- Подгорица- Скопје.

Kако куриозитет старите Скопјани го сметаат слетувањето на Еми Џонсон, една од првите жени-пилоти во светот, на “Aеродром Скопје” во 1930 година при нејзиното враќање од Австралија за Лондон.

Во 1937 година во договор со авионското друштво “Аеропут” и Сидна, Министерството за сообраќај воспоставило авионски сообраќај со Кралството и странство. Со оваа линија стасувал и весникот “Правда” од Белград. Авионот на “Аеропут” сообраќал секој ден, освен во недела.

Од сето ова може да се изведе заклучок дека сообраќајот во Скопје меѓу двете светски војни достигнал револуционерен напредок, не толку во квантитет колку во застапеност на сите видови превозни средства.

Аеродромот во Скопје имал своја слава “Св. Илија” која ја прославувале секоја година на 2 август. На прославите присуствувале војската, цивилната власт и голем број граѓани. Во црковниот обред чинодејствувале свештеници од сите главни вери, едноставно се приредувала голема забава за сите жители.

Аеродромот “Скопје” бил доста значаен во периодот на двете светски војни. Покрај тоа што бил завземен од страна на окупаторите, сепак на тој аеродорм стигнувала и помошта за храна и за повредените од војните.

“Aеродромот Скопје” бил бомбардиран од страна на нацистичка Германија, но сепак останал во функција до пуштањето на новиот Аеродром Петровец кој започнал да се гради по завршувањето на војната.

Македонската Влада во 2010 година ги отстапи двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид под концесија на турскиот оператор ТАВ кои ќе управуваат до 2030 година.

Извор: Википедиа

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести