Празниците поминаа, сметките празни: Како да се преживее најдолгиот месец во годината

Како да се преживее јануари, најдолгиот месец во годината? Ова е прашањето што деновиве речиси секој граѓанин во земјава си го поставува, бидејќи најголемиот број од нив овој месец кој започна со дочекот на Новата Година, продолжи со Божиќ, Стара Нова Година и Водици, потрошиле повеќе отколку што заработиле.

Празниците поминуваат, но остануваат минусните салда на банкарските картички. Во јануари може да се види кој колку е снаодлив со парите.

- Научна фантастика е да се истурка јануари, но македонските жени се познати по домаќинлакот - вели една средовечна скопјанка и додава дека иако пред празниците се купуваше се и сешто, но најмногу храна, добар дел од храната што остана е замрзната во замрзнувачите. 

Освен храната тука се и патувањата. Македонците, особено оние со подлабок џеб, претпочитаат за празници да патуваат во некои од светските метрополи како што се Париз, Барселона и Дубаи, но не заостануваат ниту Будимпешта, Виена, Рим, Букурешт, Милано, Истанбул.  

Тоа е дополнителен трошок за најдолгиот месец во годината, колку и да сте планирани пари за таа намена.

Психолозите често преупредуваат дека кај некои граѓани многу често се јавува и постпразнична депресија, бидејќи добар дел од нив очекуваат многу од пристигнувањето на Новата Година и кога се ќе стивне и ќе се вратат во нормала, согледуваме дека тоа е ист ден како и секој друг во годината, само што џебовите ни се попразни.

Според податоците на Државниот завод за статистика трошоците за живот во декември минатата година во однос на претходниот месец се зголемиле за 0.1%, додека цените на мало бележат зголемување за 0,4%

Во цела 2017 година, во однос на 2016 година трошоците за живот пораснале за 1,4%, а цените на мало се зголемиле за 3,2%.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.