Расте бројот на туристи во Европа, Шпанија рекордер со 471 милиони ноќевања

Хрватска заедно со Летонија и Словенија забележа најголем скок на бројот на туристички ноќевања меѓу земјите од ЕУ во 2017 година, покажуваат податоци на Европската агенција за статистика.

Минатата година во 28 земји од ЕУ регистрирани се вкупно малку повеќе од 3,2 милијарди туристички ноќевања, што е за 5,1 отсто повеќе од една година претходно, пресмета Евростат. Со тоа нивниот раст продолжува деветта година по ред.

Шпанија во 2017 ја потврди водечката позиција на листата на земји од ЕУ со најголем број ноќевања – вкупно 471 милион, 3,6 отсто повеќе од една година претходно. На второ место е Франција со 431 милион ноќевања или 6,6 отсто повеќе од 2016.

Третото место и припадна на Италија со 425 милиони ноќевања што одговара на стапка на раст од 5,4 отсто, а четвртото на Германија со 400 милиони туристички ноќевања или 2,7 отсто повеќе од една година претходно.

Хрватска во 2017 година според Евростат регистрирала 86,1 милион туристички ноќевања од кои 80,2 милиони се странски гости, а 5,9 милиони се домашни гости.

Со тоа земјата е меѓу членките на ЕУ со најголем скок на бројот на вкупни туристички ноќевања во 2017, за 10,6 отсто. Најголем раст на вкупниот број на ноќевања бележи Летонија за 12,0 отсто. Следува Словенија со 11,3 отсто.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.