Струмичкиот карневал ќе се одржи од 14 до 21 февруари, главната поворка на 16 февруари

604 Views Јануари 27, 2018 Забава Редакција Емагазин

Годинешново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 14 до 21 февруари. Организациониот одбор ја објави програмата, а традиционално карневалот почнува со Детскиот маскенбал на 14. февруари.

Наредниот ден е резервиран за Концертот под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“. На вториот ден ќе биде отворена и изложбата на фотографии од минатогодишниот карневал.

В петок, на 16 февруари е свеченото отворање на Струмичкиот карневал 2018 со одржувањето на традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно кралската свита ќе ја предводат големата интернационална карневалска поворка на главната карневалска вечер на 17. февруари во 18:30 часот.

Поворката од над две илјади учесници ќе се движи по улицата на Струмица, а завршните настапи групите од Македонија и странство ќе ги имаат на плоштадот „Гоце Делчев“ пред жири комисијата.

Празникот Прочка на 18 февруари, в недела, е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.

На Чист Понеделник, 19. февруари, карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резулатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.

Претпоследниот ден е резервиран за доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер и одржување на Тримерска карневалска вечер.

Карневалот завршува на 21. февруари со одбележување на Тримерските обичаи и со концерт на Ансамблот „Тримери“ од Струмица.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.