Пет предлози како да се вика Македонија

Горна, Вардарска, Република Македонија (Скопје), Северна... Деновиве од сите страни пристигнуваат предлози како да ни се вика државата. И не само од Грците. Кој ли не се дрзна да ни биде кум. 

Многу непријатно е да се слушаат сите тие предлози, а уште потешко паѓа кога пријатели по светот те прашуваат: „Навистина ли ќе си го смените името?„.

Проблемот е во тоа што, приказната не завршува само со името. Висат и ќе висат прашањата за тоа како ќе се вика јазикот, народот...

Нема дилема дека до оваа дереџе не донесоа нашите политичари, кои низ годините не успееа да изградат национален консензус, навистина да се грижат за нашите национални интереси, а не за за нивниот џеб, а прашањето за името го користеа само за ситни политички поени.

Секако не е лесно решение да се бара со сосед како што е Грција, но најлесно е за нашите проблеми да го обвинуваме нашиот јужен сосед.

За името никогаш немавме национален консензус, но затоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа никаков проблем лесно да се договорат за патните трошоци на нивните пратеници, како и за многу други работи, од каде произлегуваат нашите пет предлози за тоа како да се вика Македонија, кои можат да бидат напишани на македонски, англиски, а ако и сакате и на јапонски јазик:

1. Ограбена Македонија 

Македонија е школски пример за земја која буквално е ограбена од нејзините лидери. Почна во времето на СДСМ со скандалозната приватизација, а грабежот на сопствените граѓани во уште поусовршена форма продолжи за време на владењето на ВМРО-ДПМНЕ. Секако и грабежот беше мултиетнички. Да не ги заборавиме и ДУИ и другите. Низ годините партиите како да се натпреваруваа кој повеќе ќе го ограби својот народ.

2. Иселена Македонија (Чао) 

Македонија е една од ретките земји која не направила редовен попис, а јавна тајна е дека последниот не успеа, бидејќи ќе откриеше дека веќе не е земја со два милиони жители. Илјадници Македонци и Албанци во последните две децении засекогаш ја напуштија Македонија.

3. Поделена Македонија 

Соросоиди, Вмровци, Комунисти, предавници, Сдсомвци, ваши, наши.... Македонија е земја која е поделена на сите можни нивоа. Таа разединетост на која политичарите свесно работеа, низ годините, ни донесе дополнителни проблеми.

4. Сиромашна Македонија 

Сиромаштијата никогаш не била омилена тема на полтичарите кога се на власт. Истата многу ја сакаат кога се во опозиција. Како и многу други бројки и бројот на вкупно сиромашни граѓани во Македонија, често бил предмет на манипулација. Но доволно е да се прошета по македонските села и гратчиња, па од прва рака да се уверите колку всушност сме сиромашна земја.

5. Коруптивна Македонија (Мито) 

Македонските и албанските партии покажаа што е братство и единство со митото и корупцијата. Речиси не постои политичар, партија или влада во нашата историја која не била коруптивна. Најтрагичното од сето тоа е што истражувањата покажуваат дека македонските граѓани до толку се навикнале на корупцијата и митото, што ги сметаат за нормални. Па затоа кај доктор не одат без виски.

п.с. Ако не се согласувате со овие предлози, еве уште еден. Загадена Македонија. Освен што духовно го загадија сопствениот народ, македонските политичари и буквално со години го трујат својот народ. Над 1.200 граѓани годишно во оваа земја умираат како резултат на загадувањето на воздухот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.