Поради загадувањето од денеска бесплатен јавен превоз во Скопје

Во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. 

Овие мерки се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на алармирање за ПМ10 честичките во воздухот е надминат (над 200μg/m3) во текот на два дена последователно.

Градот Скопје мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот оваа зима ги воведува по третпат. 

Во сила стапуваат следните мерки и препораки:

1. Градот Скопје од денеска, 30 јануари 2018 година, воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од Министерството за животна средина.

2.Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

3. Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

4. Се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им се препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

5. Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикуваме и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

6. Се повикуваат градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

7.Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.

8. Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

9. Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

10. Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот.

„Апелираме до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Во истовреме, службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

Градот Скопје, исто така, апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, соопшти Град Скопје.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести