Скопската епархија ги демантира тврдењата на Федерацијата на планинарски спортови

383 Views Јануари 31, 2018 Спорт Редакција Емагазин

Во врска со одржаната прес-конференција нa  Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, реагираше Скопската епархија и од таму објаснуваат под кои услови Федерацијата го користела објектот на Матка, за кои тврдат дека МПЦ сака насилно да им го одземе.

„Федерацијата на планинарски спортови на Македонија е основана како здружение на граѓани и истата работи и врши активности согласно Законот за здруженија и фондации. Како здружение на граѓани, на Федерацијата, со Одлука на Влада на Република Македонија и Договор за давање времено користење на на недвижен имот во општествена сопственост ѝ е даден на користење објектот во непосредна близина на црковниот храм (н.з. конак при манастирот „Свети Андреј“).

Правото на користење од граѓанско-правен аспект не значи и право на сопственост, туку само право недвижноста привремено да се користи за потребите на здружението на граѓани, а не да се стопанисува со него и да се остварува приходи! Во членот 105 од Законот, кој поради јасно толкување ќе го цитираме, гласи: „Имотот и средствата дадени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено - политички заедници и самоуправни заедници се државна сопственост“.

Додека, пак, во член 106 јасно и недвосмислено е кажано дека „здруженијата на граѓани ќе го користат имотот во државна сопственост по закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани“, во случајов  Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Додека, во став 2 е предвидена изрична забрана дека имотот  не може да биде предмет на подзакуп.

Но и покрај ова, Федерацијата наведениот имот подолг период го дава во подзакуп и со него стопанисува и го користи како угостителски објект, а не за целите на здружението како што налага Законот.

Федерацијата водела и судски постапки пред Управен суд за упис на правото на сопственост во катастар, за што Судот мериторно се произнел и го одбил барањето на Федерацијата.

Потоа Федерацијата поднесла тужба и пред Основен суд Скопје 2 Скопје за бришење на правото на сопственост на МПЦ над парцелата, односно имотот заведен  во ИЛ 70 за КО Матка, но Судот го одбил барањето. Пресудата ја потврдил и Апелационен суд Скопје.

По тужба на МПЦ, поднесена пред Основен суд Скопје 2  Скопје, со кој се бара предавање во владение на имотот заведен во ИЛ 70  парцела КП 1070/2, Судот донесол одлука со која го предал во владение недвижниот манастирски имот. Пресудата е правосилна, потврдена и од Апелационен суд Скопје, и во овој момент се води постапка пред надлежен извршител за предавање во владение на имотот.

Но во текот на месец октомври 2017 година, Федерацијата направила легализација над имотот, односно на дивоградбите изградени на парцела во сопственост на МПЦ, без согласност на сопственикот.

По извршената легализација, во текот на јануари 2018 година, кога веќе е започната извршната постапка за предавање во владение на конакот, Федерацијата продолжила да постапува незаконски, продавајќи го конакот на актуелниот закупец!

Со ова, сите наводи на Здружението на граѓани како група на физички лица, кое има добиено на користење недвижност и кое ја користи спротивно на Законот, е со цел да се стекне со имот сопственост на МПЦ. Во овој контекст, треба да се знае дека манастирот „Свети Андреј“ е изграден во 14. век, и целиот комплекс е од исклучителна историска вредност, и е споменик на културата, заштитен со Закон.

Затоа, без желба да влегуваме во јавна полемика и докажување, истакнуваме дека МПЦ располага со докази за сопственост - Тапија од 1931 година, како и со Пресуди на надлежни судови и со Одлуки на надлежни државни органи.“ се вели во соопштението на Скопска епархија.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.