Македонска судска сага: Епилог за „бомбите“ на одложено

665 Views Јануари 31, 2018 Мој став Никола Осило

Македонските граѓани не треба да бидат изненадени доколку дојде до смена на Владата пред да има судски разврски за предметите кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство откако во јавноста беа обелоденети прислушкуваните разговори или таканаречените „бомби“, а кои укажуваат на можно незаконско работење на видни политички функционери од минатата владејачка гарнитура.

Изминуваат цели три години откако првично беа објавени бомбите, но наместо брзи судски постапки и пресуди јавноста досега најчесто може да го чуе зборот одложено кога станува збор за судските рочишта по овие предмети.

Само во текот на вчерашниот ден беше одложено судење за слуајот „Тенк“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски, екс-министерката Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер за јавни набавки, Ѓоко Попоски се обвинети за набавка на скапиот мерцедес од неколку стотици илјади евра.

Вчера, пред закажаниот старт на овој предмет Попоски го променил адвокатот, па новиот бранител побара време да се подготви за судењето.

Истовремено, се одложија уште два предмети на СЈО. „Труст“ каде првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан, затоа што судијката била на боледување и „Топлик“ за Сончев град каде обвинет е екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, затоа што адвокатите бараа изземање на вештачењето.

Тие се сомневаат дека е непристрасно направено затоа што вештакот во моментов е директор на Агенцијата за катастар на недвижности, а неговата ќерка работи во СЈО и кога го правел вештачењето немал лиценца.

Жалосната состојба во која се наоѓа македонскиот правосуден систем освен случаите од бомбите, ја потврдуваат и одлагањата на процесот отворен против актуелниот премиер Зоран Заев. Судењето за „Поткуп“кое требаше да се одржи во Кривичниот суд беше одложено за 26 февруари на барање на јавен обвинител кој во петокот го известил новиот судија дека не може да присуствува на денешното рочиште.

Претходното рочиште, исто така, беше одложено, бидејќи предметот не беше пристигнат од Апелацискиот суд, кој требаше да одлучи по жалбата на одбраната на Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки (ПИМ) да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, зато што делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.

И додека во судството најмногу се користи зборот одложено заради промена на судија, промена на адвокат, службено патување на обвинител и што уште не, неодамна Владата го распушти Советот за реформи во судството, откако видни експерти кои беа членови во овој совет сами си поднесоа оставки со образложение дека не сакаат да учествуваат во несериозен процес на таканаречени реформи односно фарса за замачкување на очите на јавноста.

Фото: hamodia.com

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!