Македонија, Грција, Албанија и Бугарија заеднички ќе го подобруваат угостителството

Надминување на регионалните проблеми во областа на угостителсвтото и туризмот и развој на заеднички иницијативи предвидува Проектот ХЕЛИКС што ќе се спроведува во наредните две години во Македонија, Албанија, Бугарија и Грција.

Носители на проектот во вредност од 600.000 евра, финасиран од Европската унија, се шест универзитети за менаџмент и угостителство од Абланија, Бугарија и Грција и Македонско-бугарската стопанска комора, преку која во проектот се вклучени и универзитетите за туризам и менаџмент од Скопје и Охрид.

Нуди иницијативи за размена на претприемачкото учење за одржливост на малите и средните претпријатија во балканско-медитеранскиот регион.

- Проектот има за цел преку планираните активности да придонесе кон развој и одржливост на угостителската дејност во регионот и да ги проучи одредбите на клучните  носители во секторот угостителство за да се подобри одржливоста на туристичкиот сектор и да се развие стратегија за градење на капацитетите.

Покрај тоа, треба да развие алатки за учење на угостителските професии за обезбедување одржлив развој и управување  со иновациите и подигнување на квалитетот на староста во овие области, рече претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски на денешната конференција во Скопје на која беше презентиран проектот.

Тој нагласи дека предвидува и заедничко дејствување и вмрежување помеѓу центрите за истражување и развој, вискоообразовните институции и давателите на стручното образование и обука од регионот за подобрување на вештините во секторот угостителство за претприемаштво и иновации, како на национално, така и на транснационално ниво.

- Главната цел на иницијативата е да се зголеми конкурентноста на малите и средните претпријатија во регионот преку подобрување на способноста за одржливост на бизнисот и воведување на иновации и нови технолошки решенија, потенцира Темелковски.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска посочи дека воспоставувањето и обезбедувањето на целосната инфраструктура е важен сегмент за развој на туризмот во регионот.

- Приоритет на Владата е завршувањето  на инфраструктурните проекти поврзни со коридорите 10 и осум што секако ќе има свое влијание и на угостителскиот сектор. Важно е да се подобри и образовната рамка преку воведување на дуалното образование кое преку зголемената практика може да има добар ефект врз подобрување на капацитетот на човечките ресурси во угостителството, рече Апостолска.

Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ рече дека Владата ќе го поддржи проектот и додаде дека регионалната соработка во угостителството е многу значајна.

- Владата веќе ги започна првите активности за субвеницонирање на студентски оброк кој веќе егзистира 15 до 20 години во Словенија. Во иднина кога ќе се развие би требало да даде поттик и на угостителството, бидејќи ќе се нуди оброк во угостителските објекти, рече Шапуриќ. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.