Од 20 часот се укинува бесплатниот градски превоз во Скопје

Град Скопје соопшти дека од вечер во 20 часот се укинува бесплатниот градски превоз во Скопје, а веднаш се укинуваат вонредните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, по добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 µг/м3 и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината.

- Со тоа, мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, од вечер во 20 часот го укинува  бесплатниот јавен превоз, соопштуваат од Град Скопје.

Посочуваат дека овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.

И покрај расчистувањето на воздухот, Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.