Горјан Јовановски е Македонец кој работи за Booking.com и е изумител на апликацијата „МојВоздух“

4334 Views Февруари 4, 2018 Интервју Силвана Жежова

Горјан Јовановски е софтверски инженер кој живее и работи ви Холандија, за еден од најпознатите туристички сајтови и агрегатор Booking.com, кој и многумина Македонци го користат.

Но она што не помалку е важно во неговата биографија е што е еко-активист, а тој е и изумителот на апликацијата „Мој воздух“ која е „десна рака“ на луѓето во Скопје. Во рамките на оваа апликација, тој ја создаде и платформата Политички бројач, која на политичарите ќе им ги брои остварените ветувања од нивните изборни програми за заштита на животната средина и воздухот.

Јовановски има за цел апликацијата „МојВоздух“ да ја имплементира и во оние земји кои имаат сличен проблем како Македонија.

Чекај да проверам „МојВоздух“ за да видам дали е загадено, за да отворам прозор или да излезам надвор. Ова е македонско секојдневие, а благодарејќи на вас, оваа апликација ни е доста корисен информатор. Имајќи предвид дека сте софтверски инженер, а згора на тоа и еко-активист, напливот да ја искреирате апликацијата, веројатно природно произлегол од вас.Но ете, која е приказната околу нејзиното создавање?

-МојВоздух беше создадена како личен проект за да научам создавање на апликации за Android телефони, како и комбинирање на истото со мојата пасија за екологија. Кога ги открив отворените податоци од сензорите на министерството, решив дека тоа ќе е совршениот проект за мене.

Колку корисници има „Мој воздух“ и дали сте задоволен од нејзината прифатеност и препознаеност како корисна алатка помеѓу граѓаните?

-Во моментов, МојВоздух има над 100.000 корисници ширум трите платформи на кои што апликациајта е достапна. Верувам дека скоро секој што има смартфон веќе ја познава апликациајта, или бар знае некој што ја користи. Тоа ме радува, зошто се повеќе луѓе имаат пристап до податоците и може да донесат свесни одлуки за тоа како ќе ги водат сопствените навики, и какви притисоци ќе вршат врз институциите кои што се задолжени да се борат против овој проблем.

Иако живеете во Холандија, човечки е да се грижите, каков воздух дишат вашето семејство, пријатели, па дали тоа е вашиот поттик за се што дополнително правите за да ја надоградите оваа апликација и таа да има одредена додадена вредност?

-Дефинитивно. Не само мојата фамилија и пријатели, туку мојата татковина се гуши во загадениот воздух. Искрено ме боли срце секоја зима кога знам што ја очекува Македонија. На моменти се осеќам дека кукавички ја напуштив, и тоа е голем поттик за да ја продолжам борбата, макар и на 1500км далечина.

Пред една недела објавивте дека податочната база на МојВоздух е сега достапна за изминатите три години. За каков тип на анализи, можат да се користат овие податоци?

-Тоа оставам на експертите да откријат. Имајќи ги овие податоци во еден лесно достапен и компјутерски читлив формат, дозволува секој со основно компјутерско познавање да ги анализира и да донесе заклучоци за истите.

Дали создавањето на политичкиот бројач беше поттикнат од големиот број на ветувања кои градоначалниците ги дадоа во нивните изборни кампањи, за здрава и чиста животна средина?

-Да, тренд е во Македонија политичарите да ветуваат многу а исполнуваат малку. Со создавање на Политичкиот Бројач, јас целам да им ја разбудам политичката одговорност, и да ги натерам да си стојат на зборот. Се покажа како ефикасна алатка, посебно зошто наиде на негодување и игнорирање од Град Скопје — знак дека сепак има некој ефект врз нив. Се надевам дека место војување, ќе соработуваме заедно со цел сите ветувања да се остварат.

Многумина ја знаат и платформата Booking.com, но не знаат дека во позадина на оваа платформа стои и Македонец? Како се најдовте да бидете дел од оваа светски успешна приказна?

-Магистерските студии во Амстердам ми помогнаа да остварам доста контакти во бизнис сферата. Иако има скоро 17 милиони жители, сепак Амстердам е едно мало село низ чии професионални води лесно може да се заполови. Големи компании како Booking.com често се присутни на бизнис собири или нетворкинг настани, како и на LinkedIn мрежата, од каде што стапија во контакт со мене.

Студиравте во Амстерадам, па колку сте задоволен од животот и работата таму, имајќи предвид дека многу инженери во Македонија, работат за странски компании од Македонија?

-Животот и работата е прекрасен. Верувам дека имаме многу да научиме од Холанѓаните (а и тие по нешто од нас). Кога некој ќе излезе од Балканот, може да осети голема промена во начинот на размислување, бидејќи ќе е надвор од политичко/социјаниот балон во кој што Македонија е заробена. Се менуваат проблемите и приоритетите, и животот добива една друга димензија каде што многу повеќе си посветуваш себе си, посебно на сопственото ментално здравје, што е нечуено во Македонија.

Дали Холандија има проблем со загадувањето и можете ли да споделите некои добри практики од таму, за решавање на овој проблем?

-Холандија преку зима си се држи на горната дозволена граница од ЕУ.  Иако не е тоа совршено, далеку подобро е од Македонија. Овде точаците се главно превозно средство, инфраструктурата ги фаворизира нив и јавниот превоз многу повеќе од автомобилите. Овде греењето е примарно на гас, и овде природните обновливи ресурси, како ветарот, се максимално искористени (до степен да сите холандски возови се електрични и 100% работат на струја произведена од ветерниците).

Кои се плановите за развој на апликацијата Мој воздух во иднина?

МојВоздух има 2 главни цели во 2018 година, инкорпорирање на сателитски податоци од европската вселенска агенцијa и ширење на Балканот во соседните земји кои што се соочуваат со слични проблеми како Македонија. Искрено верувам дека МојВоздух има голем социјален импакт, и како докажан успех од Македонија, би сакал да се појави и во други земји каде што загадувањето претставува мака на локалното население.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.