Македонија – земјата во која Владата нема контрола врз администрацијата

1918 Views Февруари 6, 2018 Мој став Никола Осило

Откако министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски деновиве обелодени дека во земјава постојат над 250 институции во кои нема никаква систематизација на работните места, како и дека постојат раководители на институиции во јавниот сектор кои одбиваат да достават податоци за вработените во владиниот информатички систем за човечки ресурси се наметнува прашањето како е можно во една држава да постои толкаво незаконие во самата администрација односно кај буџетарите чии плати се исплаќаат директно од џебот на граѓаните и приватните компании.

Се наметнува и прашањето како е можно во изминативе безмалку триесет години откако Македонија е самостојна држава да не се воспостават механизми за контрола на вработувањата и исплата на платите во јавниот сектор.

Нејасно е како разно-разни раководители и функционерчиња се дрзнуваат да одбијат да достават податоци за бројот на вработени, небаре станува збор за нивни дуќанчиња, а не за државни институции.

По најавата на министерот Манчевски дека нема да се исплаќаат плати во инситутициите кои ќе одбијат да достават податоци во информатичкиот систем за човечки ресурси се поставува дилемата врз која основа досега им се исплаќале плати на овие институции, кога ниту самата Влада не знае колкав број лица работат во голем број од нив и дали воопшто одат на работа.

Одговорите на овие прашања освен во нестручноста и неспособноста на голем дел од администрацијата, треба да се бара и во долгогодишното политичко силување на државните институции во кои се вработуваат кадри по партиски или етнички клуч наместо по професионалност и етичност.

Затоа, крајно време е ситните раководители, директорчиња и други државни функционерчиња кои нема да ги почитуваат новите правила на игра да добијат откази наместо да бидат казнувани, а Владата доколку не е способна да ја среди оваа состојба да си поднесе колективна оставка, бидејќи Македонија и македонските граѓани предолго се жртви на злоупотребите во јавниот сектор.   

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!