Паника на светските берзи: Историскиoт пад на Волстрит ги повлече надоле светските индекси

655 Views Февруари 6, 2018 Свет Редакција Емагазин

Паника завладеа на Волстрит, каде главниот индекс на Њујоршката берза драстично се намали по повеќемесечна берзанска еуфорија, за која претсеталот на САД Доналд Трамп редовно упатуваше пофалби.

Дау Џонс нагло падна во вториот дел од денот и во помалку од еден час премина прагови од 500, 1.000 и 1.500 загубени бодови. 

Тоа е најголем дневен пад од светската финансиска криза во 2008 година. Сега е на најниско ниво, со пад поголем од 10 отсто во однос на последниот рекорд регистриран на 26 јануари. По подоцнежното опоравување, пред крајот на денот Дау Џонс падна за околу 4,60 отсто.

Технолошкиот индекс Насдак загуби 3,78 отсто, додека S&P 500 во кој се 500 најголеми компании на берзите во САД, 4,10 отсто.

По Волстрит, рекордни загуби забележа и берзата во Токио, мрачни изгледи и за германскиот ДАКС. 
Берзите низ светот доживуваат тешки моменти. 

Берзанскиот индекс во Хонгконг забележа минус од 4,9, додека во Шангај повеќе од три проценти. 
На финансиските пазари кружи стравот дека времињата на евтини пари завршија.

Белата куќа синоќа објави дека „секогаш е загрижена кога вредноста на берзите паѓа“. Портпарол подоцна рече дека се работи за „краткорична флуктуација на пазарите“ и доддаде дека американската економија и понатаму е „многу силна“ и „оди во добра насока“. 

Си-Ен-Ен нагласува дека „со години на Волстрит немало толку страшен ден“ и оти акциите биле во „слободен“ пад.

Остриот пад на индексите е последица на стравувањата на инвеститорите од раст на инфлација и камати. И минатата недела, цените на акциите паднаа откако беа објавени податоци за голем раст на вработеноста и платите во САД.

Тоа би можело да ја поттикне потрошувачката, а со тоа и инфлацијата, што може да ја наведе американската Централна банка да го забрза темпото на зголемувањето на клучните каматни стапки.

- Американскиот претседател Доналд Трамп се занимава со „основите“ на долгорочната економија, која и натаму е „исклучително силна“, соопшти Белата куќа по паниката поради падот на индексот на Волстрит.

- Претседателот се фокусира на нашите долгорочни економски основи, кои се исклучително силни, со јакнење на економскиот раст, историски ниската стапка на невработеност и раст на заработувачката на американските работници, изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.