Жбогар: 2025 година како датум за проширување е мошне амбициозен

Владата повторно започна преговори со Грција, тоа е охрабрувачки и добро е што има дијалог, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар по презентирањето на Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во Стразбур.

Тој додаде дека добрососедските односи се еден од принципите на Европската Унија и сите билатерални прашања на земјите мора да се решат пред нивниот влез во Унијата.

„Се надеваме дека процесот ќе има успешен крај. Ние не сме дел од преговорите кој се води под покровителство на Обединетите нации, но ги охрабруваме двете страни да постигнат решение – рече Жбогар.

Според него, Договорот со Бугарија е многу важен затоа што Македонија по неговото потпишување има голем пријател во ЕУ.

Според Стратегијата, Жбогар истакна дека Македонија има направено значителен прогрес во имплементирање на реформите.

„Опозицијата треба да учествува во Собранието и таму да ги донесува одлуките. Сите политички субјекти мора да бидат вклучени како и граѓанското општество чии препораки се многу важни. Има потенцијал да се остварат овие цели“ Жбогар.

Тој потенцираше дека 2018 е клучна година затоа што е последна од мандатот на еврокомесарот Јоханес Хан, затоа што Бугарија и Австрија претседаваат со Унијата и затоа што ниту Македонија, ниту Грција немаат избори и политичарите можат полесно да донесат одлуки.

Според него, 2025 година како датум за проширување е мошне амбициозен, но и потенцијален и рече дека сè ќе зависи од самите земји врз основа на нивните заслуги.

„Ќе треба и ЕУ да се смени, да стане посилна за да стане поголема, а земјите од Западен Балкан ќе треба да ги реализираат реформите. Сега не постои ниту една земја од регионот која е подготвена веднаш да влезе во Унијата, мора нешто драматично да се случи. Во стратегијата има апел до лидерите веднаш да започнат со преземање на акции“ додаде Жбогар.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.