Што е географска одредница и кое би можело да биде новото име на Македонија

За прв пат откако последниве неколку месеци проблемот со името е високо на агендите на властите во Македонија и Грција, македонскиот премиер Зоран Заев, јасно кажа каков предлог и одговара на македонската Влада.

Подготвени сме за географска одредница, рече тој вчера, посочувајќи дека прашање за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и оти треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.  

Евентуалното решение, како што најави Заев неколку пати изминативе денови, ќе оди на референдум.

Никос Коѕијас, грчкиот министерот за надворешни работи на Грција, пак во интервју за Eуроњуз на грчки јазик во однос на одредницата и сложеното име, објасни дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.

- Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“, вели Коѕијас.

И Заев и Коѕијас се оптимисти и очекуваат решение на проблемот до јуни.

Што значи географска одредница?

Според македонскиот речник, поимот одредница означува име, збор или израз, носител на поим што битно ја одредува неговата смисла и место каде што ќе се најде во некоја целина.

Кое би можело да биде „новото име„?

Изминатиов период имаше многу шпекулации што содржи последниот пакет на спецјалниот посредник за името на ОН; Метју Нимиц. Неофицијално македонските, но претежно грчките медиуми објавуваа и кои имиња повеќе им се допаѓаат на двете држави.

Пред некој ден грчкиот весник То Вима повикувајќи се на документот од медијаторот, ги потврди информациите објавени во медиумите за петте предлози доставени до преговарачите на 17 јануари: „Република Горна Македонија“, „Република Северна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“, „Република Нова Македонија“  и „Република Македонија (Скопје)“, но споменува и дека Нимиц е отворен и за други предлози.

Сите овие предлози содржат некаква географска одредница, освен името „Република Нова Македонија“, кое содржи временска одредница.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Од Владата не откриваат за која географска одредница за името се подготвени да ја прифатат

Заев: Подготвени сме за име со географска одредница 

Грчка влада: Македонија не е само грчка, ниеден народ не може да лиши друг народ од неговиот идентитет

Коѕијас: Во Скопје јавно да кажат која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објаснат тоа на граѓаните

„То вима“ го објави „пакетот идеи“ на Нимиц за решение на спорот со името

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.