„Тиквеш“ и Македонската филхармонија со уникатно доживување во пресрет на „Св.Валентин“ и „Св.Трифун“

Винарската визба „Тиквеш“ и Македонската филхармонија ја официјализираа соработката која произлегува од спојот меѓу врвното вино и врвната музичка уметност.

„Соработката со „Тиквеш“ е мотивирана од нашиот континуиран стремеж да им овозможиме на љубителите на уметноста совршено уживање во префинети нешта. Сигурен сум дека спојот на музиката и виното го овозможуваат токму тоа“, вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.

На концертот што ќе се одржи на 14 февруари, денот кога ширум светот се слави љубовта, а кај нас традиционално се прославува и како празник на лозарите и винарите, посетителите ќе имаат можност да ги дегустираат и вината на „Тиквеш“.

„Високото реноме на Македонската филхармонија, квалитетот и уметничките дострели се од големо значење за публиката и уметноста. Оттаму, за нас беше логично да ги поврземе врвните македонски вина и брендот „Тиквеш“ со една ваква институција, создавајќи со тоа силна врска меѓу врвното вино и врвната уметност“, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, менаџер за односи со јавноста на „Тиквеш“.

Овој концерт е дел од пошироката платформа насловена „Falling in wine with you“ со која „Тиквеш“ ги обединува прославите на денот на вљубените и празникот на лозарите и винарите, преку нивниот заеднички именител – виното. Одбележувањето на овој ден го сочинуваат над 190 различни активности во текот на месец февруари во целиот регион, меѓу кои: поетско читање, покровителство на централната прослава на празникот „Св. Трифун“ во Кавадарци, како и организација на концерти, тематски забави и промоции.

За овој празник, лансирана е и специјална микро веб-страница www.Tikveslove.com чии посетители ќе можат да ги дополнуваат различните пораки за виното и љубовта и да ги споделуваат преку електронска пошта или на социјалната мрежа Facebook и истите ќе бидат дел од виртуелниот ѕид на страницата.

Во фокусот на сите активности опфатени во споменатата платформа се љубителите на висококвалитетното македонско вино со што се придонесува за негова популаризација и промоција, како и за унапредување и ширење на винската култура во земјата. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.