Железничкиот товарен сообраќај од екс Југославија повторно ќе соработува

Операторите за железнички товарен сообраќај на Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора ќе ја унапредуваат соработката за да обезбедат поквалитетни услуги на деловните партнери со што ќе приднесат за зголемување на обемот на транспортот.

Идните активности се договарани на состанок на директорите во надлежните сектори во Македонски Железници Транспорт АД Скопје, SŽ-Tovorni promet d.o.o., HŽ Cargo d.o.o., Akcionarsko društvo za železnički prevoz robe „Srbija Kargo“ Beograd, Željeznice Republike Srpske a.d.,  и AD Montecargo, што се одржа во изминатите два дена во Порторож.

Потпишан е меморандум за соработка со кој е договорен заеднички ангажман за развој на нови квалитетни услуги за своите коминтенти, што позитивно ќе се одрази на економскиот развој на регионот и на пренасочување на тековите на стоката од патен преку железнички превоз. 

- Ова претставува голем чекор кон подобрување на регионалната соработка помеѓу оператерите во товарниот сообраќај. На состанокот се разговараше за заедничка соработка  при транспортот на стоката на подрачјето на поранешниот коридор 10, односно новопланираниот Алпско - западно балкански коридор, во државите од просторот на поранешна Југославија, како и за обезбедување на најквалитетни логистички услуги. Учесниците на состанокот се договорија дека во планираниот коридор, треба да се вклучат и краци кон Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, соопштија од МЖ Транспорт. 

Како што укажуваат, превозниците во железничкиот товарен сообраќај во овие држави ги поврзуваат заеднички развојни вредности, како и сознанието дека заедничката соработка ќе доведе до постигнување подобри деловни успеси.

Сакаат да ја подобрат меѓусебната соработка, да го зголемат обемот на железничкиот транспорт на стока на клучните коридори, да ја подобрат економската и социјалната кохезија. Исто така, преку заедничката соработка, целат да го подобрат квалитетот на услугите за постојните и новите клиенти, да обликуваат нови кориснички понуди и притоа да ги развиваат своите претпријатија, појаснуваат во заедничко соопштение железничките претпријатија.

Операторите ќе ги информираат владите во своите држави за преиспитување на можноста за воведување соодветни финансиски и други мерки, во склад со фондовите на ЕУ,  со што железничките превозници би можеле да имаат рамноправна економска положба со превозниците во останатите видови сообраќај, како и во однос на железничките превозници во останатите европски држави.

Фото: Македонски железници

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.